Европа ќе одобри со велосипед во воз, ама во нашите кинески возови нема место

484

Додека Европската велосипедска федерација е со иницијатива во секој воз, без оглед од кој тип е, да има определено минимум осум места за велосипеди, а која наиде на одобрување од страна на Европскиот парламент, по што се очекува да стане правило, кај нас тоа се забранува. Според Саша Јовановски, директор за патнички сообраќај во „Железници“АД Транспорт, во новите кинески возови нема место за велосипеди, бидејќи тие и така се преполни со патници, но доколку во иднина се набавуваат нови патнички гарнитури во спецификацијата ќе биде нагласено да се остави место и за велосипеди

 

Групата скопски ентузијасти – велосипедисти „На точак“ покренаа иницијатива за враќање на дозволата за транспорт на велосипеди во возови. Тие бараат да им се врати можноста да го превезат велосипедот до одредени дестинации од каде ќе продолжат со него. Ова е иницијатива на Европската велосипедска федерација која наиде на одобрување во Европскиот парламент и се чека на уште неколку институции за да стане правило.

Додека Европската велосипедска федерација е со иницијатива во секој воз, без оглед од кој тип е, да има определено минимум осум места за велосипеди, а која наиде на одобрување од страна Европскиот парламент, по што се очекува да стане правило, кај нас тоа се забранува.

– Ова важи за сите нови возови, но и за старите кои треба да се прилагодат. На тој начин се поврзуваат најодржливите опции за транспорт: железничкиот на долги релации и велосипедскиот на кратки релации и така стануваат уште посериозна конкуренција на автомобилот. Во ера на климатски промени, здравствени проблеми од големо загадување и неактивност на населението, ова е нешто што не би требало ни да го дискутираме. Да не зборуваме за позитивните ефекти врз туризмот. Решенијата ни се на дофат, недостига само политичка волја – потенцираат од „На точак“.

Според оваа група, во последните 10 години имало многу нелогичности со превозот на велосипеди во возовите во Македонија и можноста за мултимодален превоз низ државата.

– Најпрвин беше дозволено да се превезува велосипед во вагоните, па откога беа набавени нови возови, беше забрането да се внесува габаритен товар (велосипедите се водеа како „товар“), па по јавен притисок во 2016 година беше донесена одлука за транспорт на велосипеди зависно од типот на вагонот, за цена од 177 денари по велосипед. За новите возови само на местата за инвалидски колички, во случај да не се зафатени, со приоритет на хендикепирани лица. Кратко потоа оваа дозвола беше повлечена и според нашите сознанија, во моментов не може да се пренесуваат велосипеди во воз. Со тоа, се спречуваат луѓето да користат мултимодален превоз на поголеми дистанци до последниот метар. И секако, се дестимулира железничкиот и велосипедскиот превоз на сметка на моторни возила – потенцираат од „На точак“.

-Во новите кинески возови, кои беа воведени во сообраќај на почетокот од 2016 година,  не е предвиден дополнителен простор, што би бил наменет за превоз на велосипеди. Поради тоа, од страна на тогашното раководство на  МЖ Транспорт АД – Скопје, беше  издадена телеграма број 251 од 29.07.2016 година, со која се ограничува превозот на велосипеди во овие возови. Дозволен е превоз на дополнителни предмети, само ако не го надминуваат обемот на рачен багаж-вели Саша Јовановски, директор за патнички сообраќај во „Железници“ АД Транспорт.

Тој додава дека ЖРСМ Транспорт АД Скопје, во иднина, при набавката на нови патнички возови, ќе ги земе предвид европските трендови, за превоз на велосипеди со воз и во спецификацијата ќе биде нагласено да се предвиди дополнителен простор, што би бил наменет за превоз на велосипеди.

Според Јовановски, директор за патнички сообраќај во „Железници“АД Транспорт, во новите кинески возови нема место за велосипеди.

Исто така, на 22.9.2018 во Скопје во организација на Град Скопје и Македонски железници, а поддржано од „На точак„ и „Прв до врв“, за прв пат се направи експеримент на комбинирање на железнички и велосипедски сообраќај за транспорт низ градот. Се возеше со велосипеди од Центар до Лисиче, кои потоа се качија на воз до Ѓорче Петров (со застанување на станицата при Транспортен центар и поминување низ станицата Скопје Север) и потоа се возеше со точаци назад до центарот на градот каде на Рекорд беше прославен Денот без автомобили.

– Целта на овој експеримент беше да се испита во какви услови се дел од скопските железнички станици, какви се условите во возовите за пренос на велосипеди и дали е возможно да постои скопска железница на постоечката железничка инфраструктура, но за жал се утврди дека има многу голем неискористен потенцијал и има уште многу за работа да се доведе во пристојна и употреблива форма – велат од „На точак“.

Истото важи и за автобусите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП), кога уште во 2016 година имаше некаков обид за поставување држачи на некои од линиите, кои за жал, според групата „На точак“ биле несоодветни. Идејата беше да се реализира комбиниран градски превоз, но и тоа до крај не се оствари.

Тогаш ЈСП се согласи пробно да постави по три држачи за велосипеди на четири автобуси на линијата 25 која се упатува кон Средно Водно, а потоа велосипедистите ќе имаат можат да продолжат да се рекреираат. Се остана на тоа, иако имаше размислување вакви држачи да се постават и на другите линии.

Од ЈСП велат дека станува збор за пилот-проект кој се реализирал во целост, во согласност со првичната замисла и договор за соработка меѓу ЈСП и групата ентузијасти велосипедисти од „На точак“, со цел да се даде придонес во развојот на интегрираниот превоз во градот. 

– Држачите се монтираа пред речиси 3 години на четири автобуси на ЈСП Скопје што сообраќаат на линијата 25 (Транспортен центар-Водно). На секое возило се монтирани по три држачи. Користењето на држачите е бесплатно и се одвива по принципот „прв дојден, прв услужен“. Генерално, сите држачи се во исправна состојба и се функционални, со инцидентни дефекти кои се отстрануваат во најбрз можен рок – одговорија од ЈСП.

Повикувајќи се на досегашната пракса, од ЈСП велат дека не постои голем интерес за користење на држачите, иако претходно се очекуваше граѓаните (велосипедистите) масовно да ја користат понудената опција за комбиниран превоз до Водно. Од таму додаваат дека во меѓувреме, не е покрената иницијатива за поставување држачи на дополнителен број возила, ниту пак е размислувано во таа насока, имајќи ги предвид резултатите од терен. 

Како што велат од групата „На точак“, од новата градска власт добиле ветување дека новите еколошки автобуси ќе имаат и соодветни држачи за велосипеди.

(А.П.)