Актерката Ирена Ристиќ освен актерството во Драмскиот театар за време на викендите и во слободното време ја зема метлата и го чисти Скопје, но и останатите градови во државата заедно со своите приврзаници и поддржувачи на неформалната граѓанска иницијатива “Не биди ѓубре“. Таа за весникот „Вечер“ проговори за активностите што ги презема оваа граѓанска иницијатива која како што самата ја нарекува параѓубреџиска структура.

Како се решивте за вакви активности кога си имате убава професија?

-Огромните количества ѓубре насекаде се основната причина за тоа што се нафатив доброволно да чистам.

 Зошто метлата не им ја отстапите на надлежните?

-Реално кажано целата иницијатива почна заради заспаноста на службите и институциите, што всушност е причина за настанатиот хаос. И токму ние останавме единствените кои реално сме заинтересирани за тоа. Ние не сме невладина организација, ние сме параѓубреџиска структура.

Кога започнавте за прв пат и како?

-Почнавме во јули 2018 година. Моја колешка од Драмскиот театар сонувала како ние глумците чистиме некоја државна институција. Тоа беше иницијалната каписла да започнеме да се организираме на социјалните мрежи.

Бројот на поддржувачи и параѓубреџии расте. Познавајќи го нашиот менталитет тоа нема долго да трае. Но, имаме неколку фанатици кои ќе продолжат

На првата акција бевме 20 луѓе. Бројот на поддржувачи и параѓубреџии расте. Познавајќи го нашиот менталитет тоа нема долго да трае. Но, имаме неколку фанатици кои ќе продолжат. Директорот на јавното претпријатие „Комунална хигиена„ нè претекна сабајлето. Првата акција ни беше чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза„. Од таму собравме 20 големи вреќи ѓубре.

Колку акции за чистење сте спровеле до сега?

-До сега сме имале над 40 акции, со тоа што не ги бројам помалите. И токму бројот на акции покажува дека властите се во длабока кома и се на апарати. Патуваме низ цела држава. Се организираме и одиме на места каде што граѓаните претходно спровеле акции. На овие луѓе им помагаме со наши поддржувачи, но и со алат.

Од каде ви е алатот и од каде средства за да ги спроведувате акциите низ целата земја?

Алатот го купуваме од донации, со пари од граѓаните. Сега и Институтот за комуникациски студии се пријави да ни помогне финансиски, за да имаме пари за сè што ни е потребно.

Сите градови се исто прљави. Не сме седнале да направиме топ листа, разликата е минимална

Поддршка добиваме од наши граѓани од дијаспората кои што се радуваат, бидејќи со тоа што го работиме се приближуваме до цивилизираниот свет. Ни помагаат и фирми, кафулиња и ресторани.

Дали тоа што го добивате ви е доволно за да ги остварите вашите цели?

-Сосема е доволно тоа што го добиваме. Имаме доволно финансии за сè што е потребно. Сепак, потребни се средства бидејќи не собираме хартии, туку чистиме депонии.

На кој начин ги чистите депониите?

-Депониите ги чистиме со алатот со кој располагаме. Шутот и сметот го ставаме во вреќи од 260 литри. Собираме и по 100 вреќи на една локација. Ги оставаме вреќите на одредено место, а потоа чекаме службите да ги земат. А тие се знае како функционираат. Треба да поминат недела, десет дена, месец за да ги соберат. Навистина не знам што ги спречува навреме да дојдат.

-Каде досега сте чистеле?

-Сме биле во селото Кучичино, Кочанско, во Валандово, Дојран, Крива Паланка. Сега сме во преговори да одиме во Куманово. Ќе ги чистиме влезовите на градот.

Што е со Скопје?

-Неброени се локациите каде сме чистеле во Скопје, почнувајќи од Ѓорче Петров, во Ново Лисиче и реално не можеме да постигнеме колку и да се трудиме. Некои локации сме ги чистеле и по три пати. Сега беше предложено цел еден месец да се чисти на една локација, бидејќи колку и да се чисти, наредниот ден повторно на истата локација има ѓубре. Пред една недела го исчистивме шутот во културниот дом „11 Октомври“ во населбата Методија Андонов Ченто. Цел месец вршевме притисок Општината Гази Баба да испрати механизација.

Ги оставаме вреќите на одредено место, а потоа чекаме службите да ги земат. А тие се знае како функционираат

Исто така, пред неполни два месеци демолиравме две стари приколки во Дојран, имавме вадење на чамци од ова езеро. Оваа акција беше многу продуктивна.

Може ли да направите споредба кој е највалкан град?

-Сите градови се исто прљави. Не сме седнале да направиме топ листа, разликата е минимална.

Која е причината за толкавата нечистотија?

-Несовесноста на граѓаните, заспаноста на надлежните. Луѓето се несреќни и сиромашни и поради тоа многу не се заинтересирани каде и што фрлаат. Среќен човек не може да биде индиферентен кон околината. Освен тоа, отсуствува и домашна култура. Луѓето се несреќни и немаат време да им обрнат внимание на децата и да им објаснат дека фрлањето ѓубре насекаде не е во ред. Мора да се активира целата логистика на државата. Автопатиштата се прљави, зошто нема каде да се остави отпадот. Тоа не е оправдување. Дури чистиме гледаме како пикавци летаат од кола.

Сметате ли дека овие ваши активности се доволни за да се подобрат нештата?

– Ние сме свесни дека не сме јаки. Но, тука сме да правиме тензија. Со апел не се решава ништо. Факт е дека највалкано е околу министерствата. Потребно е и тие да прават тим-билдинг акции.

Луѓето се несреќни и сиромашни и поради тоа многу не се заинтересирани каде и што фрлаат. Среќен човек не може да биде индиферентен кон околината

Вработените да се организираат и да чистат. Исто така треба да се вклучат и медиумите, да се направи најава каде е следната акција,  а ние треба последни да се појавиме. Европа не нè сака вакви неизбањати и валкани. И од зборови веќе еднаш треба да се прејде на дела. Тоа го чекаме.  

Што би им препорачале на државните институции и на граѓаните?

-На институциите би им кажале: Разбудете се и почнете да работите за она за што сте платени, а граѓаните да ја освестат конекцијата меѓу мозокот и рачето што фрла. Исто така и локалните власти се тотално неактивни. Било што да се прави е видливо. Овде немаа ништо, инспекциските служби се невидливи.

Кога ги спроведувате акциите?

-Викендов  во Скопје средувавме жардиниери кои, за жал, се користат наместо корпи за отпадоци. Инаку, акциите ги спроведуваме во неделите, а во меѓувреме кога сме слободни и преку неделата.

(А.П.)