Европа не била поблиску до војна во изминатите 30 години, тврди шефот на полската дипломатија

76

Европа е поблиску до војна од кога било во последните 30 години, предупреди полскиот министер за надворешни работи за време на третата рунда разговори за намалување на тензиите поради барањето на Русија никогаш да не и се дозволи на Украина да се приклучи на НАТО.

Обраќајќи им се на претставниците на 57-те членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Збигњев Рау не ја именуваше Русија, но наведе голем број конфликти во кои наводно е вмешана Москва, пренесува Хина.

– Заканата од војна во просторот на ОБСЕ се чини дека е поголема од кога било во последните 30 години, рече Рау во говорот во кој ги истакна приоритетите на неговата земја како претседавач со организацијата оваа година.

– Веќе неколку недели се соочуваме со можност за голема воена ескалација во Источна Европа, потенцираше шефот на полската дипломатија. – Треба да се фокусираме на мирно решавање на конфликтот во и околу Украина, додаде Рау, повикувајќи на „целосно почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и единството на Украина во нејзините меѓународно признати граници“.

Русија распореди околу 100.000 војници во близина на границите со Украина, која веќе се бори против сепаратистите поддржани од Москва во источниот дел на земјата. Русија го анектираше украинскиот регион Крим во 2014 година.

Денешните разговори во Виена се први оваа недела на кои Украина ќе биде претставена, и тоа само на пониско, амбасадорско ниво.

Не е постигнат напредок во министерските разговори оваа недела меѓу Русија и САД во Женева и Русија и НАТО во Брисел.

Кремљ денеска ги оквалификува безбедносните разговори на Русија со САД и НАТО како „неуспешни“ и посочи дека има несогласување околу фундаменталните прашања.