Челниците на Евролигата донесоа нови правила пред стартот на новата сезонат по консултација со медицинските стручњаци и се изготви посебен протокол кој ќе важи за сите учесници во ова натпреварување.

Протокол вклучува основни хигиенски правила, максимален број на луѓе во салите и во соблекувалните, а екипите ќе имаат „менаџер за ковид-19“. Играчите, стручниот штаб и судиите ќе прават ПЦР-тестови три дена пред секој меч, а ќе бидат ослободени вакцинираните и оние кои го прележале вирусот.

Новиот протокол предвидува дека ниеден меч од регуларниот дел нема да се игра по 14 април 2022 година. Мечевите кои се одложени ќе може да се играат во нови термини, па дури и на неутрална локација. Мечевите нема да се играат ако еден тим има помалку од осум играчи на располагање поради коронавирусот. Ако некој клуб одбие да игра меч без сериозно оправдување, го губи со службен резултат. Ако тоа се повтори вторпат, следи дисквалификација од Евролигата.

Во случај на прекин на сезоната, актуелниот пласман на табелата ќе се смета за конечен, без разлика дали се работи за продолжение на сезоната или за пласман во следната фаза.