Еврозоната во декември забележа дефлација од 0,3 проценти

19

Инфлацијата во еврозоната во декември минатата година изнесуваше минус 0,3 отсто. Тоа е четврти месец по ред еврозоната да бележи дефлација, соопшти денеска Заводот за статистика на Европска Унија (Евростат).

Истиот месец во 2019 година стапката на раст на потрошувачките цени во еврозоната изнесуваше 1,3 проценти на годишно ниво.

Најниски инфлации во декември се забележани во Грција (минус 2,4 проценти), во Словенија (минус 1,2), и Ирска (минус 1,0 отсто), додека највисоките се забележани во Полска (3,4), во Унгарија (2,8) и во Чешка (2,4 проценти).

Во однос на ноември инфлацијата на годишно ниво се намали во девет земји-членки на ЕУ, стабилна беше во осум држави, додека во десет земји забележа раст.

Најголем придонес за годишната стапка на инфлацијата во еврозонта потекнува од секторот на услуги (плус 0,3 проценти), а потоа следат храната, алкохолните пијалаци и тутунот (плус 0,25), неенергетската индустриска стока (минус 0,14) и енергијата (минус 0,68 отсто), се наведува во соопштението на Евростат.