Евровизиски моменти….Ексјугословенските претставници прогнозите на обложувалниците не ги третираат за сериозни

87

Лош пласман, според оние што се обложуваат, има и Васил, македонскиот претставник, а дечкото е навистина супер во секој поглед, од самата појава до сценскиот настап и интерпретација, вели Сања од групата “Харикејн“ од Србија

“Песна на Евровизија 2021“, после една година пауза, може да почне. Сите учесници се наоѓаат во Холандија и имаат генерални проби, а обложувалниците се натпреваруваат со засилено темпо, типувајќи на победникот. Според нив после разочарувањата со изгледот на претставничката на Малта, убедливо води претставничката на Франција. Но многу лош пласман, за жал, имаат претставниците на Србија, Македонија, Хрватска, Словенија… воглавно поранешните југословенски републики. За големо чудо тие се обединети, се дружат, комуницираат, поддржуваат, а исто така и немаат убаво мислење за обложувалниците.

– Нивните прогнози јас воопшто не ги третирам за некои сериозни, вели пејачката од Србија, Сања Вучиќ која е дел од групата “Харикејн“. Тоа што според обложувалниците сега имаме лош пласман, тоа не значи дека на самиот фестивал треба лошо да поминеме. Лош пласман, според овие, има и Васил, македонскиот претставник, а дечкото е навистина супер во секој поглед, од самата појава до сценскиот настап и интерпретација. Драго ми е што ние имаме голема поддршка од сите страни, а најголемата ни ја дава нашата евровизиска победничка Марија Шерифовиќ.

Инаку, “Евровизија 2021“ стартува со првата полуфинална вечер на 18 мај, втората е на 20 мај, а големото финале на 22 мај со почетокот во 21 часот, со директен пренос на Македонска телевизија која го придружува во Холандија Васил Гарванлиев како претставник на Македонија.

Останува да навиваме и да се надеваме дека Васил, ако не победи, да влезе во тоа евровизиското финале. Ете, има и поддршка од претставничките на Србија кои во Холандија ја пеат песната “Локо, локо“ за која аранжманот го напиша Македонецот Дарко Димитров.    Д.М.