Родена е за сцена. Секое движење, гестикулација, мимика упатува дека е создадена за уметност, некои велат и за седмата, особено. Ева Богоевска ја има таа ѕвезда, истовремено и тешко бреме, во светот да ја пронесува македонската приказна – дека ова тло раѓа врвни уметници. Таа на неполни 20 години се искачи на високата уметничка вертикала: магистериум кај познатиот Сергеј Островски на Универзитетот во Женева, а малку претходно дипломец со чиста 10 на Скопскиот универзитет, портфолио богато со меѓународни награди уште од дете, прва награда на „Сан Ремо“ во 2012, па се редат настапи во „Карнеги Хол“ – Њујорк, замокот во Братислава, во катедрали во Париз, Виена, Прага, Будимпешта, Куала Лумпур, Националната Опера и балет Виетнам, Рим, Израел, Франција, Русија и други, а стана дел од Македонската филхармонија.

Лилјана ГРЏО ДАМОВСКА 

Фото: Петр СТОЈАНОВСКИ

Со години се воодушевувала на светската ѕвезда виолинистката Сара Ченг, а сега на Островски, на неговите изведби, музичките решенија, концептот на делата и бојата на тонот при свирењето. Вели дека ги сака делата од Франц Кафка бидејќи ја пленат со  размислување за апсурдноста и притаената меланхолија кои провејуваат во неговите дела, а се сеќава дека од возбуда срцето ќе ѝ излетало кога свирела во „Карнеги Хол“ во Њујорк како првонаградена од интернационален натпревар за класична музика, но никогаш нема да заборави на моментот кога толку многу ја засака виолината иако почнала да учи пијано.

– Имав седум години кога мајка ми ме однесе на балетот „Шехерезада“ од Римски Корсаков. Тогаш свирев на пијано. Кога го слушнав прекрасното соло на виолина се вљубив во звукот на виолината и од тогаш почнав да ја молам мајка ми да ме префрли на виолина. Иако нејзината желба беше да свирам на пијано, на крајот сепак попушти и ме запиша на виолина. И таа љубов остана засекогаш, вели таа.

Прави ретроспектива на годинава што изминува и вели дека 2021 иако беше успешна, сепак беше тешка заради пандемските услови на живот.

– Знаев дека морам да продолжам со  моето понатамошно доусовршување и се фокусирав на тоа да ја остварам мојата огромна желба која ја имав зацртано уште во 2017 година, да успеам да влезам на мастер во класата на еминентниот педагог со светско реноме Сергеј Островски. И влегов. Многу се израдував на наградата која оваа година ја добив од УКИМ како најдобар студент во државата за 2020/2021 од Факултетот за музичка уметност. Оваа награда ја сметам како една верификација за мојот севкупен влог и успех за време на моето досегашно школување бидејќи и покрај многучасовното  и секојдневно вежбање на виолина успеав да ги положам сите испити во рок и со просек 10, што навистина не е едноставно. Поради моите работни обврски тука, а сега во пандемијата и отежнатите услови за патување, беше многу тешко да ги следам и теоретските предмети кои покрај виолината се дел од мастер програмата во Женева. Многу среќна и благодарна што интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ отвори меморандум за соработка со Женевскиот универзитет така што теоретските предмети  можам да ги следам тука, а за виолина и камерна музика патувам во Женева и комбинирам со онлајн настава. Еве следната нова година ќе ми започне со патување за Женева, ни рече. Со нетрпение го очекува крајот на пандемијата за да може без никакви ограничувања да патува, да концертира во полни сали без притоа да се оптоварува со протоколи, дистанци, маски.
– Поради пандемијата ми беа откажани многу настапи во странство. Особено ми е криво што летово морав да откажам прекрасен концерт во Англија. Имав и откажан концерт во Валета, Малта зошто не ја отворија концертната сезона која им беше планирана. И во ваква ситуација музичарите кај нас одлично се снајдоа и продолжија со концертната активност за разлика од многу други земји каде што подолг временски период воопшто не се концертираше. Во Филхармонија каде што работам редовно се реализираше програмата со почитување на протоколи. На моја огромна радост во Октомври оваа година  настапив како солист со Филхармонија заедно со виолинистката Ана Кондратенко и диригентот Емил Табаков. Го изведов концертот за две виолини и оркестар бр. 1 од Алфред Шнитке.

Освен во Македонската филхармонија таа е дел од Оркестарот за филмска музика Fames.

– Преку концертирањето во странство запознав многу уметници. Со повеќето од нив сум во постојана комуникација. Соработуваме, разменуваме искуства и секако од тука произлегуваат идеи и понуди за нови настапи и концерти. Имам договорен концерт во Рим со извонредниот и афирмиран италијански пијанист Микеланџело Карбонара. Меѓународната соработка со колеги од странство е од особено значење за професионалниот развој на секој млад уметник, тврди.

Сака да патува во странство, да настапува на сцени на сите континенти, ама сака да си се врати дома, во својата земја, во својот град.

– Покрај многуте понуди кои ги имав да останам во некоја странска земја јас секогаш мојата иднина си ја замислував тука. Секогаш со радост се враќам дома . Се воодушевувам на прекрасните метрополи особено уживам да ги посетувам музеите во големите центри, но дома си е дома, пак најубаво се чувствувам тука, меѓу своите.

Вели дека секоја сцена и е подеднакво важна и драга, а секој настап  уникатно доживување. На прашањето кога ќе си рече „успеав” одговори:

За мене „успеав“,значи кога ќе бидам задоволна од себе, од настапот без оглед на тоа каде е, кога ќе ја почувствувам енергијата и радоста на публиката. Задоволство ми е кога ја делам сцената со колегите, но ете би сакала на пример во иднина да отсвирам нешто заедно со мојот професор Островски, ни откри.

Нашата млада реномирана виолинистка вели дека секој настап има своја тежина  поради очекувањата не само на другите туку и од нејзиното  очекување од самата себе.

-Колку ми се поголеми очекувањата толку притисокот е поголем. Особено кога сум претставник на нашата земја имам двојно поголема одговорност, а со тоа и притисок. Се обидувам на настапите да не мислам на очекувањата туку само да се препуштам на музиката и да се фокусирам на тоа да го дадам максимумот.

Мајката на Ева, Марија Диманин-Богоевска е познат професор по пијано,  помалата сестра Ада веќе 5 години е ученичка во нижото музичко училиште и нејзин инструмент е виолончело, таа веќе има освоено неколку први меѓународни награди: четири први меѓународни награди на натпревар за класична музика во Словенија, на Полихимнија, на фестивалот „Ангелски глас” во Белград и на интернационален натпревар за музика во Атланта, Америка, односно на трите преокупација им е музиката.

Моите соседи често знаат да се пошегуваат и да кажат „вие дома имате цел оркестар. Јас сум им благодарна што имаат разбирање и толеранција бидејќи од мојот дом постојано се слуша музика. Знаеме да си засвириме и заедно. Тоа особено ја воодушевува Ада бидејќи, засега сум нејзиниот идол во музиката.

Ништо не е случајно 

2012 година, Ева Богоевска треба за првпат да настапува на голем  меѓународен натпревар во Сан Ремо каде што ќе свират млади уметници од цел свет. Со виолината што ја имала не може да настапи на таков натпревар со светско реноме. Мора да има професионална виолина, која чини богатство. А такви виолини изработува уметникот Светозар Богдановски од Велес.

Лазар Диманин, прадедото на Ева, е првиот македонски изработувач на виолини. Кога бил во длабока старост го повикал Светозар за да му го предаде занаетот. Кога неговиот ученик ја продал првата виолина, му понудил дел од заработката, за да се оддолжи за предадениот занает. Диманин ги одбил парите и му рекол: „Ќе дојде време да се оддолжиш”.

Кога мајката на Ева, која е позната професорка по пијано, Марија Диманин-Богоевска, барала виолина за настапот во Сан Ремо, стапила во контакт со Светозар Богоевски, кој се сетил на зборовите на неговиот учител, па и рекол: Дојде времето да се оддолжам.

Ева сега свири на виолина направена од ученикот на Лазар Диманин.

Грации на музиката

Ева е една од четирите грации кои ја живеат музиката и уметноста. Бабата, госпоѓа Снежана Илиќ, врвен естета, архитекта и одличен познавач на музиката уште во мали нозе ја воведува својата ќерка во светот на музиката, ја запишува во музичкото училиште да свири пијано. Марија Диманин-Богоевска е извонредна професорка по пијано во музичкото училиште „Илија Николовски Луј“, педагог со врвна репутација. Сестрата на Ева – малата Ада – учи виолончело и веќе пет години собира меѓународни награди.