Д-р Стојанов: Ние тешко учиме и тоа се плаќа, без колективен имунитет нé ни требаат толкави групирања

Епидемиологот д-р Александар Стојанов за весникот ВЕЧЕР вели дека лично бил да има ослободување на мерките, но не до овој степен. -Најмногу ме загрижува што паѓаат бројките за вакцинација, имавме дневно по 15 илјади вакцинирани, а сега се три до четири илјади. Требаше повеќе да вакцинираме, да имавме колективен имунитет, па потоа да ги пуштевме мерките - забележува д-р Стојанов. Доктор Лидија Чолакова-Дервишова, матичен лекар и претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, пак смета дека навистина треба да се олабават мерките за заштита од коронавирусот зошто луѓето треба да живеат, треба да се води сметка и за економијата.

289

Македонија ја помина првата ноќ без полициски час, кој по 99 дена е укинат на предлог на Комисијата за заразни болести, а со амин на Владата.

Веќе нема ограничување и во работата на угостителските објекти, ниту пак ограничување од максимум 100 гости на свадби, а се дозволија настани, концерти и забави во клубовите и локалите, но  само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1.000 лица. Дозволено е публика на спортските натпревари, жива музика за постепено животот да се враќа во нормала.

Овие олабавувања на мерките не сите граѓани ги прифатија со одобрување, од причина што во земјава сè уште нема колективен имунитет. Така со две дози на вакцина едвај бројката доближува до 190 илјади имунизирани. Од стартот на пандемијата до сега во земјава  од ковид-19 прележаа 155 илјади граѓани. Многу земји во светот каде што веќе имаат колективен имунитет по олабавувањето на мерките им се случи повторно затворање и карантини. Пример за тоа е Велика Британија која е прва во Европа по бројот на вакцинирани лица, со одличен колективен имунитет ги олабави мерките, а сега веќе воведува рестрикции заради продорот на новиот мутиран индиски сој на коронавирусот. Сличен пример е и Чиле каде околу 50 отсто од населението се вакцинирани, по укинувањето на мерките се судриле со нов бран на заразени.

И епидемиологот д-р Александар Стојанов кој долги години беше на чело на Скопскиот центар за јавно здравје и Комисијата за заразни болести смета дека не требаше до толку многу да се олабават мерките.

Тој за весникот ВЕЧЕР појаснува дека групирањето на луѓето  не е добро што се виде и од примерот во Англија и Москва, а ние тешко учиме и тоа се плаќа.

-Јас лично бев да има ослободување, но не до овој степен, сигурно притисокот е голем од угостителскиот сектор и од музичарите. Најмногу ме загрижува што паѓаат бројките за вакцинација, имавме дневно по 15 илјади вакцинирани, а сега се три до четири илјади. Требаше повеќе да вакцинираме, да имавме колективен имунитет, па потоа да ги пуштевме мерките – забележува д-р Стојанов и дополнува за сè да се врати на свое место треба време и не треба да се брза.

Иако со соседна Србија речиси 50 отсто од населението има колективен имунитет, на либерализација на мерките реакции пристигнаа од српскиот вирусолог Миленко Шеклер кој смета дека со олабавувањето на мерките ќе се дозволи коронавирусот да остане меѓу популацијата и да ја дочека есента.

Фото: Printscreen Youtube TVN1

-Мислам дека вирусот е воодушеен од овие мерки. Да бев коронавирус, би рекол феноменално, фала му на бога што е вака –истакна вирусологот д-р Шеклер за РТС.

Според него во Србија најголемиот дел од постарата генерација е имунизиран, но како што вели вирусологот тие не одат по забави, а младите се активни, но најголем дел од нив не се вакцинирани.

Доктор Лидија Чолакова-Дервишова, матичен лекар и претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, пак смета дека навистина треба да се олабават мерките за заштита од коронавирусот зашто луѓето треба да живеат, треба да се води сметка и за економијата.

-Не може долго да се има мерки во услови кога голем број на граѓани останаа без работа, се уништија фирми, одредени гранки. Во моментов нема нови пациенти, мора да продолжиме со животот и во светот е така има и уште полиберални мерки од кај нас – вели д-р Чолакова-Дервишова за весникот ВЕЧЕР.

Според неа вируси имало и ќе има, докторите да си продолжат со лекувањето. На терен сега ги лекуваме постковид симптомите, а тоа е нарушеното ментално здравје кај нашите пациенти, огромниот број на карциноми заради ненавремена превенција.

-Специјалистичките активности треба да се најдат во нормала, бидејќи само за еден месец открив три нови симптоми на карцином на дојка. Значи не е само корона и не смее веќе да се шири паника, треба ние како доктори да лекуваме, здравите да работат и економијата да продолжи да функционира. И покрај тоа што веќе не треба да се носат маски голем број од луѓето уште носат маска. Имаме случаи на деца кои не дозволуваат да им се тргне маската, а тоа веќе е нарушено ментално здравје кај тоа дете – појаснува д-р Чолакова-Дервишова и дополнува да не се шири веќе негативна енергија кога нема  притисок од заболени со коронавирусот, бидејќи се зголеми бројот на депресии и други заболувања.

(В.Ма.)