Професор д-р Воислав Перишиќ, гастроентеролог, деновиве, на повеќе регионални медиуми, упати корисни совети кон сите оние што ги пакуваат куферите за да заминат на одмор. Дел од неговите препораки се насочени кон начинот на исхрана, но и дека неколку дена пред да се патува, треба да се подготви организмот, да се пијат пробиотици. На одмор редовно да се мијат рацете и да се јаде полесна храна, а кај гирото, бидејќи се подготвува на температура од 900 степени, се убива секоја бактерија и ако се консумира тазе, нема да предизвика стомачни тегоби

 

По укинувањето на ковид-мерките и сертификатите за патување во повеќе земји од регионов, Европа, па и светски дестинации, нагло се раздвижија патниците, бидејќи нема веќе ограничување на граничните премини. Се ближат и летните одмори, а патувањата на море и егзотичните дестинации се сè повеќе на списокот на многу семејства. Токму затоа дигестивните лекари предупредуваат дека  здравствените проблеми, а најчесто стомачните тегоби и проблемите со варењето, може да ви го расипат одморот. Токму затоа во патната торба треба да има мини аптека и особено пробиотици и лекови за стомачни проблеми и вируси.

Професор д-р Воислав Перишиќ, гастроентеролог, деновиве, на повеќе регионални медиуми, упати совети кон сите оние што ги пакуваат куферите и  заминуваат на одмор. Дел од неговите препораки се насочени кон начинот на исхрана, но и кон тоа неколку дена пред да се патува, да се подготви организмот, затоа што се менуваат исхраната и водата.

Според него, три дена пред да се патува, треба да се консумираат пробиотици, и тоа во зголемена доза.

– Три дена пред да се замине на пат, да се земе пробиотик во стандардни количини, но и во зголемени дози, т.н. мегадози и кај возрасните и кај децата – вели д-р Перишиќ и притоа објаснува дека ако се патува на далечна дестинација, се препорачува пробиотик кој е појак.

Според него, зголемените дози пробиотици може да се земаат и во текот на летувањето, а ваквиот совет важи за лицата од сите возрасти.

Тој, исто така, препорачува лекот „ентерофурил“ да се земе пред да се оди во земјите од висок ризик, бидејќи тогаш неговото дејство е поефикасно.

Д-р Перишиќ посетува да не се заборави и на хигиената и затоа рацете задолжително да се мијат пред јадење, но и внимателно да се избира храната, односно да се користи посно млеко, посно сирење, повеќе зелена салата и зеленчук. Како пример наведува дека еден домат има повеќе Ц-витамин од еден лимон, тоа е антивоспалителен витамин и благотворно дејствува на организмот.

Поголемиот број граѓани од регионот, традиционално, најмногу ќе патуваат во Грција и во Турција, каде што најчесто се консумира гиро. Тој посочува дека  гирото нема да им предизвика стомачни проблеми, пред сè поради добрата термичка подготовка на месото.

– Гирото се подготвува на температура од 900 степени, се убива секоја бактерија. Затоа слободно консумирајте го, но тазе подготвено – нагласува д-р Перишиќ.

Тој, исто така, препорачува овошјето од хотелите дополнително да се мие, но и да се биде внимателен со зготвената храна која стои извесно време, особено тоа се однесува на мрсната и на млечната храна.

– Ми ѕвонат пријатели од Хургада, Египет: „Стигнавме денес, имам дијареја, температура и ме боли стомакот, што треба да правам?“ Ѝ велам, земи антибиотик, и тоа од втората генерација на флуорокинолонски антибиотици. Тоа се апчиња што ги убиваат сите ентерални патогени, а треба да се земаат на секои 12 часа по две. По третата доза, ќе биде готово. Оваа терапија е за возрасни и за деца – појасни д-р Перишиќ.     

(В.Ма.)