Д-р Пановски: Да се подготвиме за најлошото, па дај боже вирусот нека се самоуништи

333
Познатиот хрватски генетичар д-р Мирослав Радман деновиве ја возбуди тамошната јавност, но и јавноста во регионот, со прогнозата дека коронавирусот ќе се самоуништи, поради својата РНК структура (рибонуклеинска структура). РНК вирусите, вели тој, често се менуваат, акумулираат грешки во копирањето и редовно одат кон својата генетска пропаст.

Микробиологот д-р Никола Пановски за Плусинфо го кажа своето мислење на оваа теза.

– Вирусот ќе го снема, кажаа и нобеловецот Лук Монтање и професорката Глишиќ од Белград и прогнозираа дека тоа ќе се случи за два месеца, а изјавите ги дадоа во мај или јуни. Поборник сум да се кажуваат мислењата и вистината, но оваа тема е чувствителна и вакви авторитети, вклучително и д-р Радман, треба да се навистина сигурни во кажанато, а очигледно не се, туку претпоставуваат. Така, да не се чудиме што мерките напролет беа толку нелогично ригорозни, бар така изгледаат од денешен аспект. Се велеше, да издржиме, во јули ќе се самоуништи вирусот, кај и да е.

Не би заземал став, јас сум пред се бактериолог, за вирусите само предавам, а не ги работам, освен серологија, ПВР и антигенски испитувања. Сакам да кажам, не ги работиме од научен аспект, односно не експериментираме со нив. Мислам дека вирусот нема брзо да го снема, а и секој што мисли спротивно, треба да се воздржи, доста ни е од оптимистички прогнози. Да се подготвиме за најлошото, па дај боже нека се самоуништи – вели д-р Пановски за Плусинфо.