Д-Р ОЛУМЧЕВ: Крајот на пандемијата би требало да биде прогласен наредната година!

2809

„Општо, една пандемија трае 3 до 4 години, така што до крајот на оваа година очекувам да биде овој вирус ендемски, а крајот на пандемијата би требало да биде прогласен наредната година, вели за весникот ВЕЧЕР, епидемиологот од Центарот за јавно здравје Велес, ПЕ Гевгелија, д-р Сашко Олумчев. Со него разговаравме за неговите видувања како да се справивме со оваа пандемија и кои се неговите очекувања, како ќе се развива вирусот во иднина. „Очекувам омикронот да остане и натаму доминантен, да ни биде нешто како ендемски вид, ќе циркулира меѓу популацијата и во летниот период, а наесен моите очекувања се дека ќе биде како другите сезонски респираторни вируси, како грипот, да речеме. Се разбира, ова важи, доколку не дај боже ни се појави некоја полоша варијанта, во што искрено не верувам. Можеби ќе биде направена и некоја поливалентна вакцина против овој вирус, вели д-р Олумчев за весникот ВЕЧЕР

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

За првиот пациент и почетоците на ковид-19 во Гевгелија

Се сеќавам дека сите здравствени работници во Општата болница Гевгелија, бевме во една психоза на исчекување кога ќе го имаме првиот заболен. Отворивме пункт за тестирање, подоцна и простор за дневно лекување. Се работеше за млад пациент без потешка симптоматологија, ги изолиравме сите негови контакти, и за кратко време тој оздраве. Но, по околу еден месец почнаа да се јавуваат и пациенти со потешка клиничка слика, а притоа немајќи  инфектолог во болницата, нив ги праќавме најнапред во Струмица и околните општини. Кога бројот на заболени почна насекаде да се зголемува, почнаа да ни ги враќаат и моравме да бараме нова кадровска и просторна стратегија за нивно лекување. Се соочивме со непозната болест, започнавме би рекол партизански, со екипа од тројца лекари, за да подоцна се вклучат поголем број наши колеги, почнавме со два-три кревета, потоа дел од интерното одделение го претворивме во место за хоспитализирање на потешките случаи, по извесно време се изгради ковид модуларната болница и деноноќната битка со вирусот започна.

Вашето мислење како епидемиолог за тоа како Општата болница се справи изминативе две години со пандемијата

Ако ги погледнеме бројките, ќе видиме дека за две години 4.359 граѓани од Општина Гевгелија беа инфицирани со вирусот, сега имаме десетина активни случаи, а за жал битката со болеста ја изгубија 120 наши сограѓани. Би рекол дека минавме прилично добро, а во однос на некои други општини и одлично. Видете, се работеше за непознат вирус, организмот кај некои пациенти воопшто не реагираше со одговор, немаше имунитет. Немавме никакви лекови, се боревме со непознат непријател, моравме да бараме стратегија за лекување, да се екипираме во тимови, да ги следиме насоките на СЗО и методите кои ги користеа нашите колеги во другите земји. Целокупниот здравствен персонал, кој на почетокот не беше доволен, во Општата болница се стави во функција, па затоа се ротираше непрекинато за да може да се лекуваат пациентите 24 часа. Почна да ни заболува и персоналот, нормално, па затоа во битката се вклучија и нашите помлади колеги со целиот свој ентузијазам и професионалност. Од ден на ден екипираноста растеше, а потоа беше полесно, се разбира, да се справуваме со сите предизвици. Значи, тимската, професионалната работа и несебично залагање на целокупниот здравствен персонал во Општата болница беше решавачки што Гевгелија добро помина и поминува со пандемијата овие две години.

 Ковид-19 се разликува од другите вируси по својата голема вирулентност

Коронавирусите не се непознати во медицината, тие се едни од најинфективните вируси и подложни се на многу мутации. Како епидемиолози знаевме како ќе се однесува, сме имале и порано епидемии на грип, вирус, ебола, но она што не го очекувавме е неговата брзина во ширењето низ целиот свет. Овој вирус нема тешка патологија, но, за жал го напаѓа целиот организам, а не само белите дробови. Антивирусни лекови и онака има малку по број и се во фаза на истражување, па затоа беше тешко на почетокот да се лекуваат пациентите со ковид-19, немаше лек кој дејствува на вирусот. Затоа, првите шест месеци бевме како во некоја темнина, лекувавме и со антибактериски лекови за некако да помогнеме, иако некои стручњаци тоа го замеруваат, а потоа почна да се јавуваат „ремдисиверот“ и „ивермектинот“, стекнувавме сè повеќе искуство во лекувањето, на секој пациент мораше да се приоѓа индивидуално.

За давањето на антибиотици за лечење на вирусна инфекција

Моравме да го правиме тоа, затоа што по заразата со вирусот ни се јавуваа бронхопневмонии кои се трансформираа во бактериска инфекција, и затоа моравме да даваме антибиотици. Според некои колеги, можеби се претера во тоа, но морате да разберете дека беше тоа масовна психоза, пациентите се плашеа за своите животи, што е нормално, и затоа бараа каков било спас. Ќе ви речам дека во тоа време во нашата општина имаше и погранични полицајци кои ја чуваа границата од нелегални преминувања, и тие почнаа да заболуваат. Тогаш почнаа да ни се јавуваат нивните матични лекари од Австрија и инсистираа на овие нивни државјани да им даваме „сумамед“. Ова со антибиотиците не беше само во Македонија туку и низ целиот свет.

За вакцините

Кога се појавија вакцините, веќе ни беше полесно, добивме оружје за борба во вистинско време, оружје кое го растеше имунитетот на организмот и создаваше отпорност кон несакани компликации. Некои можеби се прашуваат како може вакцината, која беше создаден врз основа на првиот сој на ковид-19, да дејствува и на делта и на омикрон сојот. Внимавајте, вирусот кога мутира, особено кај коронавирусите, не може до толку да се измени за да го снема сосема неговиот геном, остануваат делчиња од тој првиот и во другите соеви. Затоа, јас напоменував и тогаш а и сега дека треба да се користат различни типови на вакцина при имунизацијата на населението, а не само од еден производител. Едната вакцина е векторска, другата месинџер РНК, па со користење на различни вакцини се добива еден идеален суперимунитет. Но, и самиот вирус се брани со мутации, каков што беше делта сојот, кој ни создаде голем проблем и голема смртност, па така мислам дека во наредниот период или ќе се јави некој бустер вирус, или тој ќе се менува во се послаби варијанти, како што е оваа стелт варијанта на омикронот. Тоа дава симптоматологија на една обична настинка, што нас, здравствените работници многу ни одговара, луѓето ќе се заразуваат, но таа инфекција ќе му дојде на организмот како еден вид бустер доза од вакцина.

За носењето маски

На почетокот децата мораа да ги носат бидејќи беа колонизатори на вирусот, не покажуваа симптоми но го пренесуваа на постарите. Но, сега, откако поголемиот дел од возрасните се вакцинирани и ревакцинирани и со трета доза, носењето маски кај децата е одвишно. Се разбира, треба да го носат деца со послаб имунитет, со некои ретки болести. Ја сум на мислење дека и возрасните би требало да проценат кога да носат и натаму маски, особено кога се во затворена просторија, таму каде што има поголема фреквенција на луѓе, а се разбира задолжително во здравствените установи.

Зошто, во последни време расте бројот на инфицирани во Европа

Едноставно, во Европа луѓето се подисциплинирани отколку кај нас на Балканот. Кога има рестриктивни мерки, тие се користат без поговор, а кога има олабавување, се олабавува комплетно се, и затоа се јавуваат голем број новоинфицирани. Токму поради нашата балканска недисциплина, мешањето на разни забави и прослави, релативно високиот процент барем кај нас во Гевгелија на вакцинирани и на прележани, ме радува како епидемиолог што успеваме епидемиолошката крива да не ни биде цик-цак линија, туку да биде како една рамнина, без нагли скокови нагоре или надолу.

Како ќе биде летото, есента со вирусот и кога може да очекуваме крај на пандемијата

Очекувам омикронот да остане и натаму доминантен, да ни биде нешто како ендемски вид, ќе циркулира меѓу популацијата и во летниот период, а на есен моите очекувања се дека ќе биде како другите сезонски респираторни вируси, како грипот да речеме. Се разбира, ова важи, доколку не дај боже ни се појави некоја полоша варијанта, во што искрено не верувам. Можеби ќе биде направена и некоја поливалентна вакцина против овој вирус.

Општо, една пандемија трае 3 до 4 години, така што до крајот на оваа година очекувам да биде овој вирус ендемски, а крај на пандемијата би требало да биде прогласена наредната година.