ИЈЗ за една недела регистрира рекордни 1.731 нови позитивни случаи, во 31 град, во државата. Тоа, според анализите, е зголемување од 79,9% во однос на минатата недела кога беа заразени 962 лица. Најголемо зголемување има во главниот град Скопје каде што заразени се 968 лица. Според д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ, септемврискиот бран е веќе почнат и тој по јачината е втор од сите досегашни бранови што ги доживеавме во ковид ерата според сите параметри. Тој посочува дека во септември состојбата може да се продолжи или да се влоши во однос на тоа како ќе евалуира вирусот. Д-р Мехмедовиќ очекува и во иднина раст на бројот на заразени и хоспитализирани, но не може да каже колкава ќе биде таа
Продолжува трендот на високи бројки на заразени со новиот сој на омикрон во Македонија, но слична е состојбата и со земјите од регионот, како и во Европа. Институтот за јавно здравје, во неделниот извештај за периодот од 4 до 10 јули регистрира рекордни 1.731 нови позитивни случаи во 31 град во државата. Тоа, според анализите, е зголемување од 79,9% во однос на минатата недела кога беа заразени 962 лица.
Процентот на позитивност се движи од 20,1% до 32,5%, просечно 26,3%, а најголемо зголемување има во главниот град Скопје каде што бројката за седум дена се зголеми за 55 отсто и заразени се 968 лица. Заразените се речиси од сите возрасни групи, но најосетливи на вирусот сепак се возрасните лица над 60 години, од кои инфицирани со вирусот има нови 558 граѓани. Најмал број и понатаму е кај најмладите од 0-9 години, каде што само 66 дечиња се заразиле од омикрон.
Во моментов се активни 1.645 случаи со вирусот, така што и покрај зголемените бројки, според сите параметри, сè уште се наоѓаме во зелена зона, сè уште нема притисок во болниците, хоспитализирани се 28 пациенти од кои двајца се на кислородна поддршка, но зголемен е бројот на амбулантските прегледи.
Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 994 лица во хоспитални услови или на домашно лекување, што пак е за 61,6% повеќе во споредба со минатата недела кога оздравеле 615 наши сограѓани. Во текот на минатата недела пријавени се 440 реинфекции, како и два смртни случаи, додека од почетокот на епидемијата 14.121 лице по втор пат се заразиле од вирусот.
Според д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол и член на Комисијата за заразни болести, септемврискиот бран е веќе почнат и тој по јачината е втор од сите досегашни бранови што ги доживеавме во ковид ерата според сите параметри. Тој посочува дека во септември состојбата може да се продолжи или да се влоши во однос на тоа како ќе евалуира вирусот.
Комисијата за заразни болести будно ја следи состојбата, има редовни состаноци. Според нив во моментов циркулираат новите варијанти на омикронот БА4 и БА5 кои се попреносливи, но, за среќа, со полесна клиничка слика, а прележаните и вакцинираните полесно ја пребродуваат инфекцијата.
-Мерките на КЗБ се препорачуваат во однос на оптоварувањето на здравствениот систем и доколку нема оптоварување со хоспитализирани лица од ковид-19, мерките би требало да бидат адаптирани на балансот меѓу нормалното живеење и заштитата на здравствениот систем, за да можат граѓаните да ја добијат потребната здравствена заштита на сите нивоа – потенцира д-р Мехмедовиќ.
Тој укажува дека повеќе фактори го диктираат темпото на ширење на вирусот меѓу кои и топлото време и седењето во климатизирани и непроветрени простории. Д-р Мехмедовиќ очекува и во иднина раст на бројот на заразени и хоспитализирани но не може да каже колкава ќе биде таа.
– КЗБ ја следи состојбата и во зависност од тоа ќе предложи мерки до министерот. Комисијата и понатаму препорачува дека во затворени, климатизирани простории треба да се користат маските, кога се оди во молови, продавници, аптеки, работни простории. Во иднина планираме во земјава да има зелена, портокалова и црвена зона која ќе зависи од бројот на заразени, хоспитализирани и починати лица во однос на 24 часа или на неделниот пресек на ИЈЗ и во однос на тоа ќе се донесуваат конкретни мерки за конкретна зона дали е зелена, портокалова или црвена – дообјаснува д-р Мехмедовиќ.
Заклучно со 10 јули, во Македонија, со една доза вакцина за заштита од вирусот имунизирани се вкупно 875.047 лица, со две дози 856.078, со три дози 160.243 и со четврта доза 805 лица.
(В.Ма.)