Дел од бизнисите се префрлија онлајн, а дел се затворија поради високите давачки. Познавачите на пазарот велат дека причини за тоа се хиперпродукцијата на деловен простор и затворањето на голем дел од малите дуќани поради конкуренција од големите маркети и трговските центри. Од агенциите за недвижности велат дека сега во Скопје може да се изнајми дуќан и за 3.000 денари, што не било случај порано. Велат дека ваквата состојба се должи на големата понуда на деловен простор и на затворањето на голем дел од малите бизниси

 

Голем дел од дуќаните низ градот зјаат празни, а цената за изнајмување паѓа. Поради високите давачки, дел од бизнисите се префрлија онлајн, а дел се затворија. Познавачите на пазарот велат дека причини за тоа се хиперпродукцијата на деловен простор и затворањето на голем дел од малите дуќани поради конкуренција од големите маркети и трговските центри. Од агенциите за недвижности велат дека сега во Скопје може да се изнајми дуќан и за 3.000 денари, што не било случај порано. Велат дека ваквата состојба се должи на големата понуда на деловен простор и на затворањето на голем дел од малите бизниси.

– Цената на деловниот простор за изнајмување се намалува, бидејќи има хиперпродукција и зголемена понуда, а мала побарувачка. Големите маркети ги затворија малите маалски дуќанчиња, а голем дел од малите бизниси се префрлија онлајн и поради високите трошоци. Сега, тенденцијата е да се прават поголеми деловни објекти и во нив да се продаваат храна, облека, техничка стока… Граѓаните сакаат да ги задоволат сите потреби на едно место. Овој тренд, кој го наметна Западот, предизвика зголемена побарувачка за голем деловен простор од 300-400 квадратни метри – вели за ВЕЧЕР градежниот експерт Никола Велковски.

Според него, дел од малите бизниси, поради високите комунални трошоци, се префрлија во станови.

– Сè почесто, дел од малите бизниси се префрлаат онлајн или изнајмуваат станови, наместо дуќани, бидејќи трошоците се многу пониски. Во дуќаните се плаќа индустриска струја, која е поскапа. Од друга страна, трендот сега е да се отвораат бизниси подалеку од градскиот метеж, во таканаречените сервисни зони, односно Г- зони, каде што има бесплатен паркинг и друга инфраструктура – појаснува Велковски.

Тој додава дека голем дел од сопствениците ги префрлиле бизнисите онлајн, бидејќи трошоците се пониски и може да ги водат од секаде. И од агенциите за недвижности се согласуваат дека сè повеќе мали бизниси се префрлаат онлајн поради пониските трошоци.

– Во една зграда, од осум дуќани, шест се празни. Голем дел од бизнисите се префрлија онлајн поради пониските трошоци и поради можноста да се работи во секое време и од секаде. Во моментов, бројот на дуќани во Скопје е многу поголем од побарувачката, поради тоа и цената на изнајмувањето постојано паѓа. Така, на пример, сега може да се изнајми дуќан за 50 евра за разлика од пред неколку години, кога не можеше под 100 евра. Друг момент е што поради короната и кризата, многу дуќани се затворија и многу бизниси пропаднаа. Дуќаните останаа празни, но многу тешко се издаваат. Оние што отвораат нови бизниси, изнајмуваат станови бидејќи им е поевтино – велат од агенциите за недвижности.

Сите колективни згради или објекти за домување што се изградени во последниве неколку години на фреквентни места во Скопје, првиот кат го имаат наменето за деловни простории. Има и такви објекти каде што и првите два ката се наменети за деловни простории. Сето ова влијаеше на зголемената понуда и падот на цените на деловниот простор во главниот град.

(А.С.)