Дури да ви стигне новиот автомобил, моделот ќе биде застарен

Покрај зголемените цени од над 20 отсто, последната година е многу тешко да се дојде до нов автомобил. Дури да ти стигне колата моделот ќе биде застарен, велат од еден салон за нови автомобили на кој овој проблем веќе подолго време им создава тешкотии во работењето. Интерес за купување има, ама проблем е што нема нови автомобили и што долго се чека да бидат доставени, велат од друг автосалон. Глобалниот недостиг на чипови и други автоделови предизвика зголемување на цените и застојот во испораката на нови автомобили. Така, сега луѓето кој сакаат да купат нов автомобил не се прашуваат која марка автомобил да се избере, туку главното прашање е колку долго се чека за негова испорака

340

Недостигот на нови автомобили е проблем со кој подолго време се соочуваат автосалоните во Македонија. Велат дека глобалната криза од недостаток на нови автомобили се чувствува и кај нас. Покрај зголемените цени од над 30 отсто, последната година е многу тешко да се дојде до нов автомобил. Дури да ти стигне колата, моделот ќе биде застарен, велат од еден салон за нови автомобили,на кој овој проблем веќе подолго време им создава тешкотии во работењето. Интерес за купување има, ама проблем е што нема нови автомобили и што долго се чека да бидат доставени, велат од друг автосалон.

Глобалниот недостиг на чипови и други автоделови предизвика зголемување на цените и застојот во испораката на нови автомобили. Така сега луѓето кој сакаат да купат нов автомобил не се прашуваат која марка автомобил да се избере, туку главното прашање е колку долго се чека за негова испорака.

-Дури да ти стигне новиот автомобил моделот ќе биде застарен. Веќе подолго време имаме проблем со бавната испорака на нови автомобили за кој се чека и до една година. Во автосалонот веќе нема нови автомобили, тие кој моментално се наоѓаат таму се веќе продадени. Има многу граѓани кои дале капар или платиле поголем дел од сумата за нов автомобил пред повеќе од 6 месеци и се уште го чекаат. Испораката зависи од кој бренд е автомобилот. Новите автомобили минимум се чекаат 6 месеци, а поексклузивните брендови и повеќе од една година, изјави за ВЕЧЕР Димитри Пападимитриу од СН, Сообраќаен центар.

Тој вели дека проблемот настана уште во време на пандемијата поради недостатокот на чипови кои се произведуваат во Кина и Тајван, а војната во Украина дополнителни го усложни. Недостигот на чипови и други репроматеријали за производство на нови автомобили ги зголеми цените.

-Цените на новите автомобили се зголемени за над 20 отсто или во просек за околу 2.000 евра во зависност од тоа дали се работи за патничко или товарно возило. Поскапувањето на новите автомобили во Европа не го избегна ни нашиот пазар. Интерес за купување има, но проблем е што нема автомобили на лагер. Салоните ни се полни, но тоа се продадени возила. Но проблемот не е само кај нас, недостиг на нови возила има во цела Европа. Сето тоа настана како резултат на недостиг на чипови, а короната и војната во Украина дополнително придонесоа за нарушување на пазарот на автомобили и зголемување на нивната цена, изјавија за ВЕЧЕР од автосалонот „Автонова“.

Бавното производство и застојот на испораката на нови автомобили ги зголеми цените на половните автомобили. Од автоплацовите велат дека во моментот нема квалитетни половни автомобили за извоз, бидејќи во Европа оние што сакаат да купат нов автомобил се ставени на листа на чекање, па мораат да го задржат стариот.

– Причини за зголемување на цените на старите автомобили се зголемените увозни давачки и намалената испорака на нови автомобили. Цените на половните автомобили се зголемени за над 30 отсто, но се очекува овој тренд на раст да продолжи. Па логично е ако растат цените на новите да растат и на користените автомобили, вели за ВЕЧЕР, Александар Гошевски, сопственик на автоплац.

Во Европа просечната цена на новите автомобили е зголемена за 5.000 евра. Во Германија, Италија, Франција, Велика Британија, Шпанија, Холандија и Норвешка, просечната цена на нов автомобил била 35.500 евра. Годинава до јуни просечната малопродажна цена на достапните автомобили изнесувала 44.101 евра. Во САД, пак, просечната малопродажна цена на возилата со внатрешно согорување се зголемила за 14 проценти помеѓу 2015 и 2022 година. Просечната цена скокнала од 39.143 долари во 2015 година на 44.651 долар во 2022 година. Тоа е повеќе од 5.000 долари за само седум години.

(А.С.)