Дука ги презентираше реализираните активности и плановите за следната година

41

Последниот ден од календарската година, по традиција, градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, на средба со новинарите, ги презентираше реализираните активности и плановите за следната година.

-Годината ја започнавме со прелеана пандемска криза со Ковид-19, за што преземавме, како општина, но и кризниот штаб, потребни мерки и активности. Бидејќи невидливиот непријател сеуште е меѓу нас продолжуваме будно да ја следиме состојбата, која во моментов е стабилна. Во рамки на преземените активности, посебно сакам да ги нагласам поставувањето на модуларната болница, изградбата на системот за кислородна поддршка во дебарската болница, како и помошта за семејствата погодени од кризата, рече Дука.

Наброја и повеќе реализирани проекти од инфраструктурата, како што е уредувањето на центарот на градот, реконструкцијата на шеталиштето и неколку улици во градот, обновено улично осветлување во градот и изградба во неколку населени места.

Вакви активности рече тој, ќе продолжат и следната година, како и веќе започнатиот проект за подобрување на водоснабдувањето, со замена на вентилите и ревитализација на цевководот од Росоки до Дебар во должина од над 19 километри.

-Можеби ќе можевме да реализираме повеќе, но поради пандемијата а беше и изборна година на локално ниво, многу повеќе проекти планираме да реализираме во 2022. Меѓу другото планирана е реконструкција на повеќе улици во градот, патот во село Отишани, водовод во село Могорче, изградба на спортска сала во градот за карате и џудо, со цел да имаат соодветен простор за тренинзи, паркинг простор во село Долно Косоврасти. Исто така продолжуваме со работите на патот Бошков Мост – Извор, кој го поврзува Дебар со Коридорот 8, а треба да заврши за две години, 47-те социјални станови и други инфраструктурни зафати, нагласи тој.

Според него, ќе се продолжи со регулирањето на градската депонија и редовното подигање на отпад на територијата на целата општина, потоа со поддршка, како и до сега, на спорските клубови, културни настани и организации од граѓанскиот сектор.

-До сите граѓани во општината, нашинците во САД и западно европските земји и сите граѓани во светот, упатувам искрени честитки за среќна Нова 2022 година, со желби, најпрво за добро здравје, среќа и благосостојба во секое семејство, меѓусебно разбирање, помош и поддршка во справувањето со сите предизвици. Верувам дека и на 31 декември 2022 ќе бидеме тука заедно, многу порадосни и посреќни, посака Дука.