ДУИ И СДСМ ЌЕ СЕ ДОГОВОРАТ ДО КРАЈОТ НА НЕДЕЛАТА – Пет кандидати во трка за консензуален претседател

60

Во наредните денови, партиските органи ќе ги продолжат консултациите за можноста за заеднички претседателски кандидат. Премиерот Заев рече дека останува во извршната власт. Лидерот на ДУИ Али Ахмети откри дека и тој нема да се кандидира за шеф на државата, а смета дека не е добро решение и Заев да се кандидира.


СДСМ и ДУИ се на добар пат да излезат со консензуален кандидат на претстојните претседателски избори во април. До крајот на неделата ќе се знае дали ќе се договорат за заеднички кандидат. Премиерот и лидер на СДСМ и неговиот коалициски партнер Али Ахмети на денешната средба во Клубот на пратениците се договориле да направат обид да се најде заедничка личност за кандидат за претседател на државата. Во наредните денови, партиските органи ќе ги продолжат консултациите за можноста за заеднички претседателски кандидат.

Договор за консензуален кандидат се уште нема, но на средбата се зборувало за повеќе можни имиња, кои засега не се откриваат.

На премиерот уште еднаш му беше поставено прашањето дали тој би се кандидирал.

– Знаете дека јас пред се сум економист, ќе се посветам на економијата и на реформите што претстојат, така што засега останувам во извршната власт, рече Заев.

Тој само откри дека од десетината имиња кои се спомнуваат во јавноста, пет се фаворити и најави дека поконкретни информации ќе се знаат во наредните денови, откако ќе се отвори дебата внатре во партиите за да видат какво е мислењето таму, а потоа со коалициските партнери ќе ги споделат анкетите и анализите што ги прават во партиите.

– Тоа е втората фаза на разговорите, да бидам искрен дури ни во СДСМ немаме разговарано. Знаете дека имаме кандидати од високото раководство на СДСМ, имаме натпартиски кандидати, ние анкетиравме за десетина од нив и драго ми е што еден голем дел од нив се фаворити на овие избори, рече Заев.

За професорката Гордана Сиљановска, нагласи дека за нив не е прифатлива како заеднички претседателски кандидат.

– Таа е надвор од секој можен концепт. Не даде во ниту еден сегмент поддршка на тоа што цел свет и огромното мнозинство граѓани го поддржуваат. Македонија направи голем чекор напред, отидовме во исполнување на нашите децениски аспирации. Ние денеска сме земја каде што секоја недела се ратификува протоколот за НАТО, ние сме земја којашто е преговарач со ЕУ. Таа е надвор од актуелниот концепт на живот, надеж и живеење на огромно мнозинство од граѓаните, изјави Заев.

Али Ахмети, пак, рече дека одлуките што ќе се носат треба да бидат во корист на државата, мнозинството граѓани и на партиите. Потврди дека по размената на мислењата со Заев, сега дебатата се сели во партиските органи кои во наредниот период ќе го донесат конечниот избор. Ахмети не открива дали министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ја има поддршката на ДУИ, а не смета ниту дека е добро решение премиерот Заев да се кандидира за претседател на државата. Лидерот на ДУИ откри дека и тој нема да се кандидира за шеф на државата.

– Одлучивме за прашањата за кои денеска дискутиравме да ги ставиме на дебата во органите на партијата. Партиите ќе бидат тие кои ќе ја донесат конечната одлука, рече Ахмети.

По средбата со Ахмети, Заев најави разговори и со другите политички партии од и надвор од владината коалиција. Пред средбата со Ахмети, Заев изјави дека начелно постои согласност за консензуален претседателски кандидат.