„Бојкотот е неоправдан, а секој изгубен час според Закон треба да се надомести. Подготовките за матурата се во тек. Државниот испитен центар (ДИЦ) ги вклучи сите сугестии и креираше испитни прашања на базично ниво, земајќи ги предвид сите околности“, објави министерката за образование и наука Мила Царовска на Фејсбук посочувајќи дека од МОН се прифатени сите забелешки за олеснување на испитните матурски програми

Продолжува бојкотот на дел од матурантите кои не започнаа со онлајн настава од почетокот на второто полугодие. Околу 70 отсто од матурантите го бојкотираа стартот на второто полугодие поради револтот за неисполнетите барања од МОН за намалување на бројот на предмети за државна матура. Тие, на чело со Средношколскиот сојуз, бараат да полагаат два наместо четири предмети од државната матура, односно да полагаат мајчин јазик и еден предмет што ќе биде од областа која матурантот планира да ја студира. Сметаат дека нивните барања се разумни и поддржани од меѓународни примери и дека нема да се откажат додека не ги остварат.

„Бојкотот е неоправдан, а секој изгубен час според Закон треба да се надомести. Подготовките за матурата се во тек, а од страна на МОН беа прифатени сите забелешки за олеснување во делот на испитните матурски програми по сите предмети. Државниот испитен центар (ДИЦ) ги вклучи сите сугестии и креираше испитни прашања на базично ниво, земајќи ги предвид сите околности“, објави министерката за образование и наука Мила Царовска на Фејсбук која истакна дека одвивањето на наставата во второ полугодие, како и полагањето на матурските испити, било тема и на состанокот кој денес се одржал со директорите на средните училишта.

Министерката Царовска апелираше до средношколците и матурантите да продолжат со следење на наставата, затоа што секој изгубен час е на нивна директна штета. „Најголем дел од нив губат токму од содржините што се подготовка за испитите и за успешно полагање на истите. Нема причини за промена на матурата затоа што над 14 илјади матуранти, приближно колку што има во државата, уредно ги имаат пријавено матурските испити кои ќе се одржат според концепцијата утврдена уште на почетокот на оваа учебна година“, додава Царовска на својот Фејсбук.

Воедно, на состанокот било заклучено дека државната матура е право на избор и тоа право е неприкосновено право. „Секој ученик што сака да го продолжи своето образование полага државна матура според утврдениот законски ред. Учениците во месец декември го остварија своето право и ги пријавија матурските испити согласно Концепцијата за полагање матура. Учениците избраа предмети кои директно ги подготвуваат за областите и факултетите кои ќе бидат нивен понатамошен професионален развој. Во истата Концепција, постои и избор за учениците за полагање училишна матура или завршен испит. Овие избори предвидуваат само два предмети (еден задолжителен и еден изборен) и проектна задача“, додава Царовска која посочува дека во тек е и формирање на работна група за промена на концепцијата за матура која ќе биде применлива од идната година, а во нејзината подготовка се вклучени и претставници од Сојузот на средношколци и други ученици.

Што се однесува, пак, за тоа како ќе продолжи наставата во второто полугодие, МОН истакна дека веќе воспоставениот хибриден модел од првото полугодие продолжува и понатаму и дека истиот е во интерес и на учениците и на наставниците и на јавното здравје. Ова го потврди и министерката Царовска во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР посочувајќи дека хибридниот модел на настава: онлајн, со физичко присуство од 1-3 одделение и со следење на часови преку ТВ во првото полугодие дал одлични резултати. Со ваквиот став се согласува и микробиологот д-р Никола Пановски. Според него сè уште е рано за учениците да почнат да се враќаат на физичка настава, макар и само за тестирање, односно дека до јуни треба да продолжи онлајн наставата.

Според МОН, со комбинираниот модел на настава, во првото полугодие над 90 проценти од учениците успешно следеле онлајн настава и имало помалку од 1 процент активни случаи со ковид-19 на наставници и ученици од оние што биле со физичко присуство. (Н.И.Т.)