Државата ја вративме 50 години наназад со активирање на термоцентралите!

Со користење на старите технологии и со активирање на стари капацитети за производство на електрична енергија и за снабдување со топлина, се прават обратни чекори кои ја враќаат државата 50 години назад. Затоа во моментов имаме поголема емисија на стакленички гасови и јаглерод диоксид отколку што сме имале изминативе 10 години, а тоа сериозно се одразува врз здравјето на луѓето и животната средина, смета Давор Пехчевски, програмски координатор за енергија во Еко-свест. - Доколку оваа година се остварат проекциите дека може да биде ладно во јануари и февруари, доколку се префрлат скопските топлани на дизел, може да очекуваме уште потешки последици врз здравјето на граѓаните, дециден е Пехчевски

76

Владата погрешно се справува со енергетската криза. Со користење на старите технологии и со активирање на стари капацитети за производство на електрична енергија и за снабдување со топлина, таа прави обратни чекори и ја враќа државата 50 години назад. Затоа во моментов имаме поголема емисија на стакленички гасови и јаглерод диоксид отколку што сме имале изминативе 10 години, а тоа сериозно се одразува по здравјето на луѓето и животната средина, смета Давор Пехчевски, програмски координатор за енергија во Еко-свест.

– Гледаме дека ТЕЦ Осломеј работи 7-8 пати повеќе отколку што работеше претходните години и тоа со увозен јаглен набавен од други земји, делумно набавен нетранспарентно, не знаеме со кој квалитет е и какви последици предизвикува. Исто така, ТЕЦ „Неготино“ повеќе од 10 години беше ладна резерва, сега активно работи веќе цела година. Последно што најавија за скопските топлани е дека потенцијално можат да се префрлат да работат на дизел, место на гас, поради некои несигурности поради снабдувањето со гас. Последиците од нивното работење најлесно се гледаат по аерозагадувањето, но и пораката што ја испраќаат е погрешна. Испраќаат порака дека сè е дозволено, додека си обезбедуваме топлина и струја. Тоа значи дека и луѓето ќе можат да пристапат кон поевтини методи на затоплување и место да користат дрва, ќе користат отпад – потенцира Пехчевски.

Давор Пехчевски од Еко-свест

Мерните станици низ државата веќе регистрираат аерозагадување два до трипати повисоко во Скопје и другите градови, во услови кога есента ни е релативно потопла. Со заладувањето, Пехчевски очекува уште повисоко загадување.

– Доколку е ладна зимава можеби ќе видиме загадување кое ќе биде повисоко од претходните години кога имавме големи протести низ Скопје, а може да биде уште полошо, последиците по јавното здравје ќе бидат огромни. Со години наназад Македонија е во топ 13 загадени земји во Европа. Според анализите од европска Агенција за животна средина има 3 до 4 илјади предвремени смртни случаи годишно само од загадениот воздух и тоа од некои сегменти од аерозагадувањето, дури не ги обработуваат сите. Доколку оваа година се остварат проекциите дека може да биде ладно во јануари и февруари, доколку се префрлат топланите на дизел, може да очекуваме уште потешки последици врз здравјето на граѓаните – дециден е Пехчевски.

Во моментов има поголема емисија на стакленички гасови и јаглерод диоксид отколку што сме имале изминативе 10 години. Пехчевски потсетува дека претходно ТЕЦ „Осломеј“ работел со ограничен капацитет, а ТЕЦ Неготино воопшто не работеше 10-12 години. Загадуваше само РЕК „Битола“.

– Имаме три огромни енергетски капацитети кои работат турбо, кои во 90 проценти влијаат со сулфур диоксид во аерозагадувањето. Како држава имаме за цел за 70 проценти да ги намалиме емисиите, а во моментов ги зголемуваме. Сè што е предвидено и во енергетската стратегија и во стратегиите за справување со климатски промени, односно во Националниот план за енергија и клима, сè што е таму наведено, се спроведува и сега се прават обратни чекори и се инвестираат десетици, па и стотици милиони евра во увоз на струја, јаглен, мазут… – вели Пехчевски.

Според него, единствено нешто што оваа зима може да се направи за да се ублажи состојбата е топланите да продолжат да работат на гас. За останатите градови ќе биде многу потешко затоа што луѓето веќе се имаат снабдено со тоа што сакаат да се затоплуваат оваа зима – дали е тоа дрва, јаглен, екстра лесно масло, што и да е.

– Таму не може да се реагира сега, но може да се реагира рано напролет и преку цело лето за наредната година да не се соочиме со истава ситуација. Може конечно да се почне со спроведување на енергетската стратегија што го предвидува зеленото сценарио, т.е. активно да се воведуваат обновливи извори на енергија, не само за производство на струја, туку и за топлина за домаќинствата – потенцира тој и нагласува дека требаа да се избираат енергенси за производствените капацитети кои имаат најмало влијание врз животната средина.

(С.Бл.)