Државата обезбеди 30 милиони денари за сончеви колектори и ПВЦ-прозорци 

Над 30 милиони денари се определени за мерките за надомест на трошоци на домаќинствата за промена на стари со ПВЦ или алуминиумски прозорци и за набавка на сончеви колектори, за што огласите од страна на Министерството за економија беа објавени во петокот согласно Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за годинава

219

Државата за годинава има обезбедено вкупно пет милиони денари за домаќинствата кои купиле и вградиле сончеви термални колекторски системи, но и 25 милиони денари за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домовите на домаќинствата.

Како што појасни министерот за економија Крешник Бектеши на сајтот на нивното министерство веќе од петокот е објавен јавниот повик, при што единствен услов за аплицирање е купувачот да го нема искористено правото на поврат на дел од средствата за конкретните намени врз основа на јавните огласи што ова министерството ги има објавено претходните години.

– Купувачите на сончеви термални колекторски системи како што се колектори, резервоар за топла вода и потребна инсталација, кои ќе ги купат и вградат во своите домови по денот на објавувањето на овој оглас заклучно со 30 јуни годинава, ќе им биде обезбеден поврат на дел од средствата до 30 отсто, но не повеќе од 15.000 денари – вели министерот.

За купувачите на ПВЦ или алуминиумски прозорци со потребната инсталација, кои ќе ги купат и вградат во своите домови по денот на објавувањето на огласот, заклучно со 30 јуни, ќе се реализира поврат на дел од средствата до 50 отсто, но не повеќе од 25.000 денари, сè до искористување на предвидените средства за оваа намена.

Анализите покажуваат дека заклучно со 2018 година на 6.538 домаќинства им е обезбеден поврат на дел од средствата кои ги потрошиле за купени и вградени сончеви колектори, а исплатени се приближно 96 милиони денари.

Исто така во претходниве две години откако стартуваше мерката за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци субвенционирани се 2.350 домаќинства и исплатени се приближно 66.000.000 денари од Буџетот на Република Македонија.

Бектеши потсети дека јавниот оглас за печки на пелети во домаќинствата за 2019 година ќе биде објавен во третиот квартал од годинава. Вкупниот буџет за реализација на оваа мерка изнесува 20.000.000 денари. Со овој оглас е предвидено надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети со линеарна распределба по домаќинство, во зависност од пристигнатиот број на барања кои ги исполнуваат условите од програмата, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство.

(В.Ма.)