Државата нем посматрач – пред очи и „доаѓаат“ Ванчо Михајлов, Цар Борис Трети….закон нема!  

294

Додека надлежните си ја префрлаат топката кој е одговорен, а закон сè уште нема, во Македонија се отвара нов бугарски клуб. „Цар Борис Трети“ се отвора утре во Охрид, а освен најавените протести, скоро и да нема механизам за спротивставување на новите бугарски клубови. Дури и советодавното тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице, кое беше формирано неделава, нема надлежност за нивно спречување. Ова тело е советодавно и само дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи.

Сепак, ова не значи дека може да се ограничи отворањето на бугарски клубови и да се менуваат нивните имиња. Всушност, ад хок телото не може да се изјасни за клубовите кои веќе се регистрирани, велат од советодавното тело откако го одржаа првиот состанок.

Се очекува експертското тело да се изјасни и за најавеното бугарско здружение со контроверзно име, „Цар Фердинанд“ во Богданци. Од централниот регистар велат дека пријавата е пристигната и е во постапка на постапка на разгледување, но сè уште не е одобрена. Побарале да се отстранат утврдените недостатоци, но сè уште одговор од подносителот на добиле.

Од советодавното тело појаснуваат дека доколку има иницијатива за формирање здружение кое ќе носи име на историска личност, а притоа не е поднесено како барање до Министерството за правда, тогаш телото не може да даде мислење.

Партијата Левица за утре најави протест во Охрид, поради, како што најавија оттаму „отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис Трети“. Поддршка и повик за масовност на протестот во Охрид дојде и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Опозицискиот лидер повика на мирен протест и без инциденти, да не им се даде, како што вели, алиби на оние што се причината денес Македонија да биде во оваа ситуација.

Еврејската заедница на Македонија најави и кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена поради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза“.

Првиот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола беше отворен пред неколку месеци и наиде на бурни реакции во македонската јавност. Во исто време, македонските клубови во Бугарија повторно се цел на вандали. Овој пат од Македонскиот културен центар во Благоевград непознати лица ја избришале буквата М, и така се добил сосема друг натпис.    (Ј.Ц.Г.)