За жал, во Македонија, политиката е составен дел од спортот. Тоа е јасно како бел ден, а сè поголем и поголем е бројот на сегашни и поранешни спортисти кои се обидуваат успешно да „пливаат“ и во политичките води. Најголемите политички партии веќе ангажираа неколку познати имиња, како што е Борко Ристовски, Наумче Мојсоски, Адријана Будимир… За тоа дали политиката е премногу инволвирана во спортот или пак спортистите се повеќе наклонети кон политиката, побаравме одговор од претседателот на Комисијата за спорт на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Неделковски.

ФОТО: Ѕ. Плавевски

Ќе може ли да ни дадете една оценка за моменталната ситуација кога е во прашање спортот во нашата држава?

Спортот во нашата држава оди во надолен тек, сакате да земете во врвниот, професионалниот,  за жал и националните селекции, а за разлика од финансирањето на средствата во спортот од 2016 година па наваму многукратно се зголемени со последните мерки на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Пред сè, тука говорам за ослободувањето од данокот на добивка, како и за финансиите од Игрите на среќа. Така што зборуваме за една сериозен паричен износ што

влегува во спортот, а резултатите се многу полоши од претходните. Сериозно размислуваме за промени кои треба да настанат во иднина. Тука, пред сè, мислам на дисперзирање на средствата кои одат до федерациите, а како второ, комплетно менување на стратегијата и пренасочување на фокусот на државата кон клубовите и индивидуалните спортисти. Во иднина предвидуваме законски основи во врска со ова што го напомнав. Со новата програма предвидуваме една нова мерка за финансирање на спортот, која ќе даде нов импут и нов импулс кај младинскиот спорт, односно кај клубовите кои произведуваат играчи. Дел од тие пари ќе одат и за одржување на постојната инфраструктура, а дел во науката за спортот.

Дали сметате дека ваучерите кои се делат се добра или погрешна мерка?

Не само што сметам дека не е добра мерка туку и тие што ја донесоа знаат дека оваа мерка во пракса тешко се спроведува, освен ако нема навремена интервенција. Првиот проблем на мерката е тоа што критериумите се спорни, тие не се чувствителни, односно клубовите не се во еднаква позиција поставени. Фактички поделбата на ваучерот на одреден датум ви ја диктира табелата како ќе изгледа на крајот од сезоната. Второ, не ги стимулира клубовите да растат во делот на менаџментот и управите, односно да бидат со способни луѓе кои можат да привлечат приватен капитал, туку едноставно е ставено на критериумите, поставени такви какви што се, се прави моментален и едноставно тука ја замрзнува државата. На кое место сте во моментот, така ве оценуваат, па затоа од мал клуб не може да станете голем клуб поради тоа што финансиите речиси и нема да стигнат до вас.

Дали сметате дека финансиите се добро распределени стратегиски кон федерациите?

Државата е должна да ги финансира федерациите, има одговорност, и во принцип треба да се грижи за сите подеднакво. Ние се залагаме еднакво за спортот – за еднакви права, но и за еднакви обврски. Главниот проблем во последните три години, кога воедно мерките стапија на сила, е тоа што сите пари кои се наменети за спортот одат во федерациите. Факт е дека дел од тие пари треба да одат кај нив, меѓутоа тие не можат да ни го подобрат спортот. Кај нас комплетно е превртена пирамидата, ние ќе се обидеме и сигурен сум дека ќе успееме, на пиедестал да ги ставиме пред се индивидуалните спортови, тренерите и клубовите. Без здрава подлога, федерациите немаат ниту што да финансираат, ниту како ќе ги потрошат парите, ниту пак да отидат на големи Светски или Европски првенства, а камоли на Олимпијади. Тој процес бара време, ќе има многумина кои ќе бидат против тоа, затоа што ќе бидат засегнати, меѓутоа тоа е вистинскиот начин – да се насочат финансиите во клубовите и во индивидуалните истакнати спортисти. И нормално, во масовниот спорт, во рекреативниот и училишниот.

Како гледате на тоа да се формира Министерство за спорт?

Се сложувам со тоа дека е потребно Министерство за спорт, бидејќи токму со тоа ќе се решат низа проблеми. Речиси сите држави околу нас функционираат преку Министерството за спорт, освен Хрватска, која е на пат да го формира. Поентата на постоењето на оваа институција е министерот – претставник во Владата ќе биде како институција која е одговорна за креирање на политика во спортот. Сега, Агенцијата за млади и спорт само извршува одлуки донесени од Владата, каде што спортистите, односно државниот орган за спорт не креира политика, туку извршува програми кои што ги носи Владата. Доколку има Министерство за спорт, спортот ќе се издигне на едно многу повисоко ниво и ќе биде директно вклучен во одлуките кои се клучни за развој на спортот и сите свои сегменти.

Дали политиката е премногу инволвирана кога е во прашање спортот во Македонија?

За жал, во последните неколку години тоа е случај. Факт е дека во единаесет годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во најголемиот дел федерациите беа оставени и државата и АМС не се мешаше во нивната работа. Најдобар пример за тоа може да биде Кошаркарската федерација каде што Даниел Димевски со години беше претседател и никој не помислуваше да направи каква било интервенција против него, додека тоа не го решија на своја иницијатива клубовите. Исто е и со Олимпискиот комитет, како и со другите федерации. Евидентно е дека имаме поатрактивни и понеатрактивни федерации, меѓутоа ова што се случува во последниве три години, користењето на средствата кои што системски ги обезбеди претходната влада, за уцена на некои федерации, пред се помалите заради лични амбиции и поставување на свои луѓе во федерациите, со крајна цел промена на структурата на владеење во МОК, сме сите сведоци и тоа е евидентно, тоа е видливо и со „голо око“.

Дали според Вашата програма се предвидени нови наменски терени какви што беа направени пред неколку години?

Прво, неспоредлив е ангажманот на ВМРО и СДСМ кога е во прашање инфраструктурата. Делумно се сложувам дека одредени спортски објекти не беа најдобро спроведени, пред се поради локацијата или намената. Но, тоа е нешто што е завршено. Наш став како комисија е дека Агенцијата за млади и спорт или Министерството не треба да се занимава со изградба на спортски објекти, тоа треба да го прави некое друго надлежно ресорно министерство, бидејќи фокусот треба да биде насочен кон организациската поставеност и квалитетот на мерките во спортот. Сметам дека со инфраструктура имаме доволно, особено со тоа што беше изградено изминатите единаесет години. Нашите анализи покажуваат дека заедно со Националната арена „Тодор Проески“, СЦ „Борис Трајковски“ , СЦ „Јане Сандански“, 35 спортски сали, 145 училишни сали, 50 фудбалски, 100 мултинаменски итн. инвестицијата изнесуваше околу 170 милиони евра, што за оваа власт е мисловна именка. Тие и средствата од три милиони наменети за инфраструктура не можат да ги реализираат, бидејќи целосно им се промашени проектите. Но, голема грижа треба да се води за одржувањето на тие спортски објекти. Ново изградените не бараат премногу посветеност и внимание, едноставно треба само да се одржуваат како што треба. Затоа, предвидуваме една мерка која ќе биде дел од програмата, каде што ќе има посебен фонд за одржување на спортската инфраструктура, како за новоизградените, така и за старите објекти кои се предмет на манипулација веќе дваесетина години со концесионирање, односно неодржување од страна на концесионерите. Вакво нешто СДСМ се обидува да направи како свој проект, а одлуката беше уште од 2006 година од страна на тогашната Влада, за да се вратат во владение на државата и да се предадат на локалната самоуправа.

Марио СОТИРОВСКИ

Кристијан ТРАЈКОВСКИ