Државата без пардон ќе може да одзема концесија, ако е загрозено здравјето на луѓето

Се крчкаат нови законски решенија за експлоатација на минерални суровини...Со измени на Законот ќе се реши проблемот на локалното население со концесиите за експлоатација на минерални суровини во случај кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес, безбедноста и здравјето на населението.

116

Измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини кои влегуваат во собраниска процедура, ќе овозможат едностран раскин на концесијата од страна на државата со кои ќе можат да се решат проблемите на локалното население што ги има со концесионерите. Во земјава има над 400 издадени концесии за експлоатација на минерални суровини.

Како што објасни министерот за економија Крешник Бектеши овие измени ќе овозможат да не се прави штета на Буџетот на државата доколку некој концесионер се жали на суд. Истовремено со измените ќе се најде решение за проблемите со безбедноста и здравјето на населените места  кои имаат проблеми со издадени концесии за експлоатација на минерални суровини, односно во случај кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес, безбедноста и здравјето на населението.

Кога договорот се раскинува заради нарушување на јавниот интерес, безбедноста и здравјето на населението концесионерот може да поднесе барање за добивање нова концесија за експлоатација на истата минерална суровина на друг локалитет и тоа директно и без спроведување на јавен повик – вели Бектеши.

Министерот Бектеши очекува со измените да бидат надминати проблемите што ги има локалното население во Лабуништа, Коњаре и Чегране со концесиите во близина на населените места за што во Министерството се пристигнати повеќе претставки од граѓани и општини.

– Целта ни е да има конечно решение со кое нема да има проблем со концесионерот, а ќе се реши барањето на населението. Првично ќе доставиме барање до концесионерот ако е заинтересиран  да го промени локалитетот, а доколку не е ќе постапиме по новиот закон. Решението нема да може да биде субјективно, бидејќи сега се дава можност да ги решат проблемите кога има претставки од граѓаните во кои се потпишани речиси половина од жителите од населените места. Согласно претставките, доставуваме барање до Техничкиот инспекторат, Инспекторатот за животна средина, Инспекторатот за земјоделство, кои излегуваат на терен, но и на концесионерот му се дава можност во случај да има направено инвестиција да достави барање до Министерството да се откаже од локалитетот и да побара друг локалитет за експлоатација на истата минерална суровина во кој нема да има проблем со населено место без спроведување на јавен повик – објаснува министерот Бектеши.

Тој посочи дека со измените основ за едностран раскин на договорот за концесија ќе биде и доколку концесионерот не го известил Министерството за економија како надлежен орган, дека има промени во уделите или акциите кои поединечно или во збир би довеле до промена на управувачкиот пакет во друштвото кое е мнозински сопственик кај концесионерот.

– Основ за раскин на договорот се дава и доколку концесионерот експлоатира помалку од 30 проценти од предвиденото количествои минерална суровина, согласно со главниот рударски проект, во текот на една година, освен ако концесионерот достави образложение за причината за намалената експлоатација по што може да достави предлог за продолжување на намалената експлоатација за уште една година, појасни Бектеши.

Со измените општините ќе можат да поднесат барање за добивање на концесија за експлоатација за потребите за изградба на општински пат по утврдената постапка за изградба на државни патишта.

– Со моменталното законско решение Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) бара концесија од страна на Владата за побрзо да се завршат постапките за изградба на патишта по скратена постапка. Се оди директно на експлоатација, но сепак треба да има елаборат. Моментално тоа важи за изградба на автопатишта и регионални патишта за кои е надлежно ЈПДП, а со новото законско решение ќе важи и за градење на локални патишта – дообјасни Бектеши.

Што се однесува за  „Еуромакс ресорсис“, министерот потврди дека очекува Управниот суд да го потврди решението на Второстепената комисија за раскинување на концесијата за рудникот Казандол.

– Ако тие се заинтересирани да одиме на Арбитража подготвени сме да ги браниме нашите аргументи за раскинување на концесијата и повеќе сум од убеден дека ќе излеземе како победници во постапката, потенцира Бектеши.

(В.Ма.)