Бездомник чиј дом е улицата, е сместен во  затвор на издржување затворска казна, бидејќи за време на полициски час што се спроведуваше во периодот кога во сила беа рестриктивните мерки на корона-пандемијата, бил најден на отворено и е казнет. Тој четири пати бил затечен на улица, и четири пати му била изречена парична казна за сторен прекршок, но бидејќи не бил во состојба да ја плати, во моментов тој е во затвор! Ова е само еден од примерите што се казнети во периодот кога на сила беа  редица  корона-протоколи и мерки за изолација, кои го ограничуваа движењето на граѓаните.

Случајот за весникот ВЕЧЕР го потврдија  од Црвениот крст на Македонија, од каде што велат дека ова не е единствен случај и дека  има уште четворица бездомници на кои им се изготвени решенија да одат во затвор, затоа што немаат пари да ја платат казната. Од оваа институција посочуваат дека се грижат за бездомникот и додека е во затвор, бидејќи тој е запишан во регистарот за бездомни лица за кои тие имаат обврски.

Токму од овие причини што доведоа до вакви нелогични состојби,  а каде што доминира социјалниот елемент, на иницијатива од повеќе од 1.200 наши сограѓани се иницира подготовка на закон за амнестија за граѓаните кои не можат да ги платат казните поради непочитување на мерките за време на пандемијата.

Наши извори велат дека амнестијата  не би важела  за рестораните, за кафулињата, за фирмите и за другите правни лица кои ги прекршувале протоколите, туку само за граѓаните.  Законот треба да содржи социјален  елемент, со цел да се избегне одење во затвор на оние што не можат да платат, бидејќи досега над 200 граѓани добиле покана за затвор.

На сите оние што не можеле да ја платат казната  во рок од две години, таа им се заменува со затворска. Се работи  за казна за две  кривични дела, и тоа  „пренесување заразна болест“ и „непостапување според здравствените прописи во време на пандемија“.

Според адвокатот Звонко Давидовиќ, носење ваков закон со кој ќе се амнестираат поголема група граѓани кои се прекршители на определени законски норми, не е ништо ново, ниту кај нас ниту во другите држави, и веќе било применувано во нашата понова правна историја. Различни биле причините и целите поради кои се носеле вакви закони, некогаш како оправдување се наведувала пренатрупаноста на судовите со предмети, некогаш тоа е социјалниот аспект, некогаш, пак, релаксирањето на меѓунационалните односи, националното помирување и така натаму.

 

-Неспорен факт е дека пандемијата која изминативе неколку години го измени животот на многу луѓе и постави многу прашања на кои не е одговорено, ги затече и здравствените работници и власта неспремни. Како што ви е добро познато, секоја земја применуваше различни мерки, некаде тие мерки беа репресивни и рестриктивни, некаде порелаксирани. Дел од земјите воведоа забрани за собирање, мерки за задолжително носење маска, некои земји, пак, тоа не го бараа и до денешен ден не се докажа и утврди што е подобро и исправно во една таква ситуација. Нашата земја и властите во неа ги пропишаа рестриктивните и репресивни мерки и почнаа со казнување на секое непочитување на истите – посочува Давидовиќ за весникот ВЕЧЕР и потсетува дека тоа создаде ситуација во која голем број на граѓани беа санкционирани, најчесто со парична казна која ако не можат да ја платат согласно со законот, ќе биде заменета со затворска казна.

Тоа и се случи поради тешката економска состојба, која со пандемијата уште повеќе се влоши. Денес државата се соочува со ситуација во која и судовите се пренатрупани со предмети, огромен дел од паричните казни поради неплаќање се заменети со затворски казни, па се соочуваат со пренатрупаност во затворските институции кои се и онака пренатрупани.

-Неплаќањето на казните не е поради граѓанска непослушност или бојкот, туку е поради сиромаштија и економска немоќ, луѓето се доведени на работ на егзистенција. Во една таква ситуација, нормално е да се размислува за носење на еден ваков закон, но, како и секој закон, мора да има определени елементи и да се почитуваат определени начела. Пред сè, законот мора да важи еднакво за сите, не смее да биде селективен и едностран во пристапот и точно и јасно треба да ја дефинира надлежноста на органот или органите кои ќе постапуваат според овој закон, постапката според која ќе се спроведе – објаснува адвокатот Давидовиќ.

Тој споредува кога бевме сведоци при носење еден сличен закон за амнестија за настаните од 27 април, дека основните начела не беа испочитувани.

-Законот не важеше за сите учесници, селективно се применуваше, Обвинителството кое ги гони сторителите, требаше да даде мислење кому му следува, а кому не амнестија и судот кој ги суди да ја примени, што е нонсенс. Тоа создаде еден хаос во правосудството и „жешкиот“ костен со недели се префрлаше од еден на друг, од судечкиот судија на Кривичниот совет и обратно. За да се избегне сево ова, законот за амнестија на прекршителите на прописите во време на пандемијата треба добро да се осмисли и точно и јасно да ја предвиди и надлежноста и постапката, но, пред сè, треба да важи за сите. Нема никакво логично оправдување истиот да се примени само на физички лица, а не и на правните лица од неколку причини – потенцира Давидовиќ за весникот ВЕЧЕР.

Адвокатот нагласува дека социјалниот аспект е присутен и кај едните и кај другите, а второ прекршителот е секогаш физичко лице, додека правното лице одговара покрај физичкото.

-Законот мора да важи подеднакво за сите и мора да ги опфати сите, како и секој друг закон. Политиката, популизмот, некадарноста и незнаењето мора да се тргнат настрана при носење вакви закони затоа што со истите се дерогираат правниот систем и судските одлуки, се простува сторување определено неправо и прекршување правна норма и се испраќа порака и до сторителите и до граѓаните. Каква ќе биде пораката, зависи од умешноста и знаењето на законодавецот -нагласува Давидовиќ.

(В.Ма.-П.Ч.)