Драчево ќе добие нова градинка за 125 деца

122

Сто дваесет и пет деца ќе се сместат во новата градинка во Драчево откако ќе се изгради со што ќе се намалат листите на чекање за згрижување на најмалите од оваа населба. Увид во работите направија вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски.

– Во овие две и пол години инвестиравме 180 милиони денари во инфраструктура и покажавме дека предучилишното образование е приоритетна тема за оваа Влада. Дополнително, ги зголемивме платите кај воспитувачките и негувателките за 26 проценти со цел да инвестираме во квалитетот на предучилишното образование. Се развиваат и нови модерни програми во градинките, коишто понатаму би требало да дадат подготовка на децата за современите начини на живеење за да можеме да добиеме попродуктивни граѓани – истакна Царовска.

Сто и пет милиони денари се издвоени во буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2020 година за реконструкција, опремување и изградба на детски градинки, а дополнително, со помош од Светска банка, обезбедени се 15 милиони евра. До крајот на 2024 година планирано е да се креираат нови 7.500 места за згрижување на деца од предучилишна возраст.

– Сакам да напоменам дека работиме не само на инфраструктурата, туку силно инвестираме и во програмите за рано учење и развој. Нашата држава во изминатите две години беше прва држава во регионот којашто ги пилотираше програмите за социо-емоционален развој, кои од оваа година ќе се применуваат на национално ниво – изјави Шкријељ.