Драмски театар дел од Регионална унија на театри

104

Првиот фестивал на новосоздадената Регионална унија на театри (РУТА) ќе се одржи во Белград, во Београдско драмско позориште од 1 до 6 декември.

РУТА е составена од МГЛ Љубљана, Словенија, Театарот Улисис – Загреб, Хрватска, Камерен театар 55 – Сараево, БиХ, Градски театар Подгорица, Црна Гора, Драмски театар Скопје, Македонија и Белградско драмско позориште, Србија, кои се иницијатори на оваа активност чија основна цел е поврзување на шест репрезентативни куќи од поранешниот сојуз во естетска, репертоарска, но и организациона смисла.

Притоа, на 1 декември Београдско драмско позориште ќе ја изведе премиерата „Лилиом“, на 2 декември ќе настапи театарот Улисис со „Бакхи“, а на 3 декември Градскиот театар од Подгорица со претставата „Дон Кихот“. Камерниот театар 55, пак, ќе се претстави со „Мирна Босна“ на 4 декември, а идниот ден (5 декември) на фестивалот настапува Драмски театар со „Крал Иби“. На крајот на фестивалот (6 декември) ќе настапи МГЛ Љубљана со „Тивок здив“.

„Ова претставува одлична можност театарските куќи да се презентираат и промовираат во регионот и секако да се направи пат за понатамошни копродукции или други форми на соработка. Уникатноста на РУТА е нејзиниот модел на функционирање, а во текот на една календарска година ќе се одржат 6 фестивали во сите земји – членови на унијата. Секој театар може да настапи со претстава по сопствен избор. Фестивалот има ревијален карактер и една од целите е во текот на годината да се задржи континуираното присуство на овие театри пред домашната публика“, соопштија од Драмски театар Скопје.