Драма во Сибир: Пожар и експлозија во лабораторија каде што се чуваат вируси

111

Пожар избувна во комплексот руски лаборатории во Сибир каде што се чуваат вируси, од сипаница до ебола, по експлозија на бензин, објави „Гардијан“.

Националниот истражувачки центар за вирологија и биотехнологија, познат како „Вектор“, од Новосибирск, Колцово, регион во Сибир, објави дека не постои опасност за граѓаните.

Пожарот избувна за време на реновирањето на канцеларијата за санитарна инспекција од петти кат.

„Гардијан“ наведува дека истражувањето на биолошкото оружје е организирано на ова место за време на советската ера и сега е еден од главните центри на Русија за истражување на болести.

Еден работник претрпел изгореници од трет степен. Пожарот, наводно, се раширил преку систем за вентилација и зафатил површина од 30 квадратни метри.

Руските власти соопштија дека во собата каде што се случила експлозијата немало опасни материи и не е направена сериозна штета.

Локалните власти велат дека лабораторијата не содржела опасен патоген заради реновирањето.

Вирусот на големи сипаници преживува само на две места во светот – Во „Вектор“ и во американскиот центар за контрола на болести во Атланта.

Во мај 2004 година, токму во лабораторискиот комплекс „Вектор“, почина руска научничка откако случајно се боцнала со игла која го носела вирусот ебола, пишува британски „Гардијан“.