Пожарникарите во Грција не успеале да го совладаат пожарот кој се приближувал кон северното предградие на Атина и тој пожар ги зафатил населбите Варибоби и Ахарнес, поради што илјадници жители побегнале од своите домови.

„Веднаш напуштете ги своите куќи“, ги повика жителите градоначалникот на Ахарнес Спирос Вретос преку државната телевизија.

Граѓаните примиле предупредувања и преку СМС пораки.

Густи облаци од чад се гледаат над грчката престолнина. Жителите на населбите зафатени со пожарот ги во паника ги напуштиле своите домови.

Пожарот брзо се ширел од околните шуми кон населените места, изјавил гувернерот на регионот Јоргос патулис и повикал сите жители веднаш да го напуштат подрачјето, пренесе Индекс.хр.

Од утрово, ситуацијата се уште е драматична иако противпожарните екипи го гаснеа пожарот цела ноќ! Атина е во густ облак од чад, Националната опсерваторија апелираше до граѓаните да не излегуваат надвор, да ги затворат сите прозорци бидејќи состојбата на атмосферата е критична и опасна за здравјето. Премиерот Кирјакос Мицотакис од утрово се наоѓа во загрозената област со членовите на персоналот за цивилна заштита со цел да ја разгледаат ситуацијата и итно да им пружат помош на жителите кои останаа на улица.

Сликата е драматична. Пожарот, кој ги зафати куќите во општина Варибоби од едната страна на автопатот Атина-Ламија, во текот на ноќта се проширил на четири соседни општини. Жителите беа евакуирани, пожарот го уништи централниот плоштад во Варибоби, изгореа куќи, индустриски постројки, борови шуми што го опкружуваат овој дел од Атина.

Детскиот камп „Среќно село“ беше евакуиран, а сообраќајот на делот од магистралниот пат кон Ламија беше во прекин со часови, објави „Политика.рс“.

Вкупно 81 пожар избувна во Грција во последните 24 часа, а пожарникарите се уште се борат со 40 од нив кои се активни, потврдија грчките власти.

На синоќешната прес -конференција, заменик -министерот за цивилна заштита Никос Хардалијас објави дека најголемиот и најопасниот пожар што започна вчера нешто по 13 часот и продолжи да гори во северните предградија на Атина на три главни локации – Варибоби, Адамес и Тракомакедонес, во текот на ноќта го гансеа 520 пожарникари, 17 екипи на терен и 150 пожарникарски возила, пренесува весникот „Катимерини“.

На противпожарната бригада и помогнаа армијата и полицијата, вклучувајќи 305 полицајци, волонтери и локални власти, а вкупно 315 лица беа пренесени на безбедни локации подалеку од пожарот.

Според последните информации, пожарот на Кос бил локализиран, додека на островот Евија, пожарникарите се уште се борат да го стават пожарот под контрола.

Од 40 активни пожари во Грција четири досега предизвикаа евакуација на населението, и тоа оние во Костен во југоисточниот дел на Пелопонез, на островот Кос, на југозападниот дел на Пелопонез и на островот Евија.