Австралија опен ќе добие нов шампион оваа сезона, откако Србинот Новак Ѓоковиќ не доби шанса да ја брани титулата, бидејќи беше депортиран од Мелбурн.

Српскиот тенисер пристигна во Белград, но и понатаму е главна тема на првиот Грен слем сезонава. Овој пат и германскиот тенисер Александар Зверев застана на негова страна.

  • Никому не му беше лесно, особено не на Новак. Имаше виза па му ја откажаа. Потоа победи на суд, тренираше, беше како дома овде, па сега мораше да се врати во Србија. За него беше навистина тешко. Не е лесно да се најдат вистинските зборови, започна Зверев.

Тој нагласи дека ја разбира реакцијата на луѓето во Австралија, но дека за тоа што се случи не е виновен Ѓоковиќ, туку политичарите.

  • Австралија претрпе многу, земјата е затворена речиси две години. Разбирам дека правилата се ригорозни, така беше и минатата година и тогаш не се жалев. Ја разбирам перспективата на Австралијците и нивната влада, но мислам дека мораше да има многу подобра комуникација меѓу владините претставници. Штом дојде Ѓоковиќ, беше очигледно дека ќе се појават проблеми. Тешко му е, негативно се зборува за еден од најдобрите спортисти на сите времиња, не само за него како тенисер. Требаше да биде многу појасно. Требаше порано да одлучат дали ќе го пуштат во земјава или не. Ако правилото е тоа што не можат да влезат играчи кои не биле вакцинирани не требаше воопшто да му дозволат да дојде. Тогаш немаше воопшто да се случи оваа драма. Од моја перспектива, жал ми е за Новак, поради начинот на кој светот зборува за него, додаде Зверев.