Драгутин Малиш е спортист во душа, љубител на планината, а децата се неговoто СЀ!

139

По преселбата во Радишани, од 2011 година, Малиш во дворот на неговата куќа организира детски приредби, ликовни работилници и музички манифестации, а годинава ја формираше детската планинарска секција „Клукајдрвче“ и има одржано осум планинарски тури со децата со цел да се едуцираат за безбедно движење на планини, екологија и други значајни теми, а се поттикнува и љубовта кон природата, другарство и меѓусебно почитување. Во младоста бил и спортист, а негов поттик да го засака спортот бил Мирослав Церар, некогашната југословенска гимнастичка легенда

Спортист во душа со постигнати успеси на тоа поле, истовремено љубител на планината, а ја сака и работата со најмладите. Децата се негова животна љубов. Вака во кратки црти може да се опише 75-годишниот Драгутин Малиш, родум од Крапина, Хрватска. Тој од 1968 година живее во Скопје, а сега во скопската населба Радишани и е можеби единствениот кој секоја година, почнувајќи од 2011 година, во својот двор организира детски приредби, ликовни и музички работилници.

На тој начин тој го одбележува Денот на независноста на Македонија – 8 Септември, а оваа година тоа го мотивирало да иницира формирање на детска планинарска секција „Клукајдрвче“.

– При формирањето на секцијата „Клукајдрвче“, секое дете засади свое дрвце на локација Бродечки вирови. Годинава одржавме осум планинарски тури со децата. За време на турите децата се едуцираат за безбедно движење на планини, екологија и други значајни теми, а се поттикнува и љубовта кон природата, другарство и меѓусебно почитување. Секоја организирана тура со членовите на „Клукајдрвчиња“ се документира со фото албум – нагласи Малиш.

Идејата да организира вакви настани му се родила откако ја завршил спортската кариера во џудо, односно воопшто со спортот и по преселбата во Радишани во 2011 година.

– Вакви приредби и работилници организирав девет пати во мојата куќа и двор, со присуство на над триесетина деца, со околу стотина гости – со невиден жар и ентузијам, а се со цел на децата во таа рурална средина да им овозможиме културен развој – ја раскажува Малиш својата необична животна приказна.

Секоја приредба била со интонирање на македонската химна, и рецитал на приредбата „Во срцето мое“.

– Оваа манифестација секоја година се реализираше со видеоконференциска врска со Загреб, од каде што присуствуваа и активно учествуваа моето семејство и внуците, со рецитали и музички изведби на пијано. Децата од маалото беа многу активни и организираа музички настапи, балетски точки, манекенски ревии и други активности. На приредбата активно учество зедоа и афирмирани вокални интерпретатори, хорови, музичари и друго – вели Малиш.

И минатата година во екот на пандемијата тој не се откажал од организирање на овој настан.

– Дури барав и одобрување од полициската станица „Бутел“, мораше да биде сè според протоколите. Децата се моја животна љубов, тие треба да се едуцираат – истакна Малиш.

Оваа година беше организирана и осмата планинарска тура на релација Рамно – Спирова колиба – Црн камен на 1.585 метри надморска височина и назад.

– Таа патека ја промовиравме и ќе ја маркираме како Детска планинарска патека „Клукајдрвче“, на која ќе се организираат традиционални тури. На врвот Црн Камен се интонираше македонската химна, се рецитираа патриотски песни, а пред планинарската куќа организиравме и детска ликовна работилница. Манифестацијата беше одлично организирана, децата беа пресреќни и се надевам дека оваа традиција ќе продолжи и во нареден период – заклучи Малиш.

Тој додава дека за секоја приредба што ја подготвувал, правел и фото албум, а цртежите од детските ликовни работилници сè уште ги чува во неговата лична архива.

Својот работен век го поминал во поранешна ЈНА, каде што работел со млади луѓе и како што вели со задоволство ги исполнувал своите работни обврски. Дека го сака спортот говори и податокот што во 1974 година бил иницијатор на формирањето на џудо клубот „22 декември“ при Дом на ЈНА во Скопје. А негов поттик да го засака спортот бил Мирослав Церар, некогашна југословенска гимнастичка легенда.

– На почетокот бев натпреварувач, а потоа и џудо тренер. Во натпреварите имам постигнато и значајни успеси, како на пример во 1975 година освоено прво место на сениорското првенство во Македонија. По завршувањето на мојата натпреварувачка кариера во џудо, 15 години работев како тренер во џудо клубот и моите ученици постигнуваа одлични резултати. Така, во 1978 година џудист од клубот освои трето место во Југославија, а во 1981 и прво место на државното натпреварување, како и бројни македонски прваци во овој спорт – со гордост информира Малиш.

Тој бил и претседател на Џудо сојузот на Македонија во два мандата и истовремено бил член на претседателство на Џудо федерација на Југославија. Исто така, бил и републички џудо судија и во Сараево судел на Балканско сениорско првенство, што претставува, како што вели негов голем дострел како судија.

Во Скопје организирал две првенства на Југославија за џудо, бил и технички организатор на „Милицијада“ за Југославија во Охрид 1982 година, но имал и многу други организаторски и натпреварувачки активности.

– Имавме и одлична соработка со средното милициско училиште и со другите џудо клубови во Македонија и активно учествував во тренинзите и организацијата на џудо натпревари и за припадници на полицијата – потенцира Малиш.

Тој е неуморен во своите спортски активности, па продолжува со планирање. На 18 март 2012 година е иницијатор и еден од основачите на планинарскиот спортски клуб „Скопска Црна Гора“, од Скопје.

– Следната година клубот ќе слави десетгодишнина. Низ тие години имавме успеси и неуспеси, но низ тој процес учевме и созреавме во една вистинска спортска средина. Редовно организиравме планинарски тури во Македонија и во странство. Нашите планинари се искачија на сите највисоки врвови во Македонија, како и на Олимп, Арарат и други – потенцира Малиш, напомнувајќи дека тој учествувал при искачувањето на Триглав на 2.864 метри надморска височина, но и на Мусала, на 2.925 метри надморска височина.

Малиш информира дека планинарскиот клуб „Скопска црна гора“ има маркирано 12 патеки на Скопска Црна Гора, а во соработка со федерацијата организираат и обуки за нивните членови за планинарење во летни и зимски услови. Клубот во неколку наврати организирал и пошумување со зимзелени садници на локација Бродечки вирови.

ПК „Скопска црна гора“ соработува со повеќе планинарски клубови во Македонија и во странство, а неговите членови земаат активно учество во органите и телата на Планинарската федерација.

– Соработка воспоставивме и со Амбасадата на Република Словенија, која донираше маркирање на планинарски патеки и осветлување на планинарската куќа. Исто така, како клуб со сопствени средства и работна сила на локација Бродечки вирови  изградивме Спирова колиба, планинска куќа и детски парк со реквизити за вежбање – објаснува Малиш.

Овој неуморен човек додава дека секоја година организираат и Планинарски поход со учество на околу триста планинари, на кој се вклучуваат и велосипедисти, параглајдеристи, моторџии, а се организира и ручек со планинарско гравче.

 (А.П.)