Црногорскиот ракометен стручњак Драган Аџиќ, си поднесе оставка на функцијата тренер на Будуќност од Подгорица по цели десет години и десет месеци. Тој ја поднесе оставката откако неговиот тим беше поразен на гостувањето кај унгарскиот Ѓер во ракометната Лига на шампиони.

Тренерот кој со „сините“ освои две титули во Лигата на шампионите, го презеде тимот во јануари 2010 година. Само две години подоцна беше прогласен за најдобар европски тренер.

Веќе во својата прва сезона со тимот на Будуќност го освои КПК, а во 2012 и Лигата на шампионите. Овој успех го повтори и во 2015 година. Со него на чело Будуќност играше фајнл – фор и во 2016 и 2017 година, кога беше запрен во полуфиналето.