ДПМ ги врачи традиционалните книжевни награди за 2018: Македонските писатели не треба да бидат замолкнати ни од себе ни од никој друг

221

Претстедателката на ДПМ, Соња Стојменска- Елзесер, на свеченоста за доделувањето на наградите посочи и на намалената поддршка за книжевните награди и потребата од воспоставување на норми, а го истакна и проблемот околу цената на авторскиот труд на македонските писатели

“Писателите во Македонија треба да бидат погласни, да не бидеме замолкнати ни од себе, ни и од никој друг“, меѓу другото истакна претседателот на Собранието на ДПМ, Христо Петрески, во обраќањето на свеченоста по повод врачувањето на традиционалните книжевни награди за 2018 на писателската асоцијација. Тој додаде дека годинава пристигнале 61 наслов, за сите книжевни награди што е бројка за респект.

Претстедателката на ДПМ, Соња Стојменска-Елзесер, пак, изрази незадоволство поради намалената поддршка на писателската асоцијација за годинва од страна на Министерството за култура. “Фондот одобрен за традиционалните награди на ДПМ изнесува 34.500 денари, што е апсурдна цифра во споредба со побараните 495.000, кои требаше да бидат чекор понапред од добиените 450.000 за истите награди во изминатата година“, посочи Стојменска-Елзесер, образложувајќи дека во контакт со Комисијата им било образложено дека се работи за техничка грешка за која асоцијацијата треба да поднесе жалба за да биде поправена, односно за да се додаде уште една нула кон посочената сума. “Но, дури и кога ќе се додаде фамозната нула, фондот е за повеќе од 100 илјади денари помал од минатата година“, посочи таа.

Стојменска- Елзесер на свеченоста за доделувањето на наградите посочи и за потребата од воспоставување на норми за книжевните награди, а го истакна и проблемот околу цената на авторскиот труд на македонските писатели.

Друштвото на писателите на Македонија заедно со доделувањето на наградите, денес, го одбележа и 72. роденден. Во присуство на бројни писатели, професори и гости, на академик Влада Урошевиќ за романот „Маџун“ му беше врачена наградата „Стале Попов“ за проза, на Виолета Танчева-Златева за стихозбирката „Патот“ – наградата „Ацо Шопов“ за поезија, на Лидија Капушевска-Дракулевска за критичко-есеистичката книга „Мозаик од гласови“ – „Димитар Митрев“ за критика и есеистика, а на Трајче Кацаров за краткиот роман за деца „Не паркирај, гаража“ – наградата за литература за деца „Ванчо Николески“. Рифат Емин, пак, за поетската збирка на турски јазик “Без-конечно” го доби признанието „Книжевен мост“ со кое се валоризира творештвото на други јазици.

“Добитникот на наградата „Стале Попов“ – ‘Маџун’ е роман на атмосферата и роман за детството, затоа што избраната јас форма и зачудената форма на детето раскажувач е насочена да се раскаже приказна која ги обединува личното и колективното време, автобиографското, измисленото, фактите и фикцијата. Романот негува специфична култура на сеќавање. Поделен во три целини (Рајот на детството, Сјајот на детството и Крајот на детството), романот може да се одреди и како роман на промената на меморијата…“, посочи Лорета Георгиевска-Јаковлева, претседателката на комисјата за доделување на наградата.

Во образложението на комисјата за наградата за поезија “Ацо Шопов“, пак, беше посочено дека “‘Патот’ на Танчева-Златева е книга на лични воспеви, еден вид книга на лирска исповед, со три циклуси од по 20 песни, и претставува убав пример како со мала (но доволна) доза на добрина и убавина, поезијата може да досегне до недопрените вредности на животот, кои се универзални и секој читател може да ги препознае.

Наградата за критика и есеистика „Димитар Митрев“, на книгата „Мозаик од гласови“ на Лидија Капушевска-Дракулевска, пак и беше доделена со образложението дека станува збор за книга-проект во која низ пет поглавја се разгледуваат и вреднуваат автори и дела од современата македонска книжевност, текстови во кои авторката се потврдува како грижлив и педантен проследувач и зналец на литературата.

Како што посочи пак, познатиот писател за деца Киро Донев и претседател на комисијата за доделување на нагрдата „Ванчо Николески“, најдобра книга за деца за 2018 е кусиот роман-сказна „Не паркирај, гаража“ на Трајче Кацаров заради тоа што “таа е подеднакво читлива и за децата и за возрасните и ни открива една нова планета со галерија на ликови и настани во неа, но и со многу интересни македонски топоними“.

За поетската збирка “Без-конечно“ на Рифат Емин, пак, од Гордана Јовиќ-Сојковска беше кажано :”Од стиховите на Емин може да се насети музика и музикалност, но и филозофија, историја, митологија, додворување на читателот, кое резултира со љубов. (Н.И.Т.)