ДПА: Лимитирањето на употребата на АстраЗенека ќе ја забави и онака бавната имунизација во Германија

33

Одлуката на Германија да ја ограничи употребата на вакцината на АстраЗенека против Ковид-19 на луѓе над 60 години предизвика загриженост дека со тоа дополнително ќе се забави и онака бавната имунизација на населението во земјата, јави ДПА.

Шефот на националното здружение на наставници Хајнц-Питер Мејдингер оцени дека одлуката е „катастрофален удар“ за напорите да се вакцинираат наставниците во текот на април.

– Напорите ќе пропаднат – што значи дека ќе биде потешко да се одржат училиштата отворени – освен ако вакцината АстраЗенека не биде брзо заменета со друг препарат, изјави тој за ДПА.

Во вторникот, германските федерални и министри за здравство се согласија да ја ограничат употребата на вакцината на AstraZeneca за лица на возраст од 60 години и постари поради загриженост за можно предизвикување згрутчување на крвта.

Луѓето под 60 години сепак би можеле да ја примат вакцината, но само по индивидуална проценка на ризик и детално објаснување од лекар, одлучија министрите.

Одлуката на Германија е различна од препораката на Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови кои препорачуваат употреба на АстраЗенека за сите возрасти, потенцирајќи дека вакцината е безбедна.

Во меѓувреме, во Германија драстично се зголемува бројот на новозаразени со коронавирус. Врвниот германски виролог, Кристијан Дростен, ситуацијата ја оцени како „многу сериозна и многу компликувана“.

Извор: МИА