До 100.000 евра за замена на нееколошки системи за греење во јавни институции

110

До 100.000 евра ќе добие секоја општина во најзагадените градови во земјава која ќе достави барање до Владата за замена на опрема/нееколошки системи за греење во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти на нејзина територија.

Ова е предвидено во Јавниот повик на Генералниот секретаријат на Владата за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година.

Право на учество на јавниот повик имаат градовите/општините на територија на Република Северна Македонија, кои имаат високо ниво на аерозагадување, односно висока концентрација на РМ10 и РМ2.5, согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија за 2019 година.

Можат да аплицираат и градовите/општините на територија на Република Северна Македонија кои немаат мерни станици во рамките на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија.

Покрај барањето, општините треба да достават и извештај за нивото на ПМ10 и ПМ2.5 концентрации за 2019 година согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем, потоа детално разработен преглед на број на градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти, кои користат исклучиво нееколошки систем за греење и проект за соодветна замена со тип на опрема наведена во Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година.