До ПССЕ доставен предлог за прифаќање на акредитациите на руските пратеници

72

Само неколку часа пред попладневната расправа за оспорувањата на овластувањата на руската парламентарна делегација, до Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) е доставено мислење на една од неговите комисии, со кое се предлага да се прифатат акредитациите на руските пратеници, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Комисијата за следење на состојбите на ПССЕ во мислењето изразува жалење за недостигот на соработка од руска страна и поради голем број негативни трендови  во поглед на демократијата, владеењето на правото и човековите права во Русија, кои имаат влијание врз почитувањето на другите обврски преземени од земјата.

Но, во исто време, Комисијата нагласува дека ПССЕ отсекогаш било посветено на политичкиот дијалог како средство за компромис и одржливи решенија и смета дека тоа е најважната платформа каде што дијалогот можат да се исполнат обврските на Русија во согласност со Статутот на Советот на Европа и со учество на сите засегнати страни, при што руската делегација е одговорна врз основа на вредностите и принципите на Советот на Европа.

Поради овие причини, Комисијата предлага ратификација на акредитациите на парламентарната делегација на Руската Федерација.

За овластувањата на руската делегација повторно ќе се расправа попладнево откако ПССЕ во понеделникот ноќта, по долга и на моменти напната дебата, одлучи да го промени својот Деловник и со таа промена да дозволи враќање на руската делегација во собраниската работа. Акредитивните писма на новата руска делегација во ПССЕ презентирани во вторникот изутрина на вториот ден од летната пленарна сесија, веднаш беа оспорени поради „значајни и формални причини“.

Грузискиот пратеник Нино Гогуадзе, оспорувајќи ги акредитивните писма, се осврна на „постојаното неисполнување од обврските од страна  на Русија“. Ова оспорување беше поддржано од најмалку 30 членови на Собранието присутни во салата од најмалку пет национални делегации.

Украинскиот пратеник Володимир Ариев го оспоруваше акредитациите повикувајќи се на формални причини поради „неправилности во составот на делегацијата“. Тој беше поддржан од најмалку десет членови на Собранието присутни во салата од најмалку пет национални делегации.

Сé додека ПССЕ не донесе одлука околу нивните акредитации, членовите на руската делегација имаат право да учествуваат во собраниската работа со истите права како и другите пратеници, но тие не можат да гласаат за свои овластувања.

При гласање за промена на Деловникот, речиси две третини од членовите на ПССЕ се изјаснија „за“, додека една третина беа „против“.

По ваквото гласање украинската делегација вчера се повлече од работата на ПССЕ, но таа се уште е во Стразбур и се очекува да учествува во дебатата за акредитациите на руските пратеници. Украина се закани дека ќе се повлече од Советот на Европа, ако им се врати правото за учество во работата на ПССЕ на пратениците од Русија.