До крајот на март почнува чистењето на линданот од малата депонија во ОХИС

149

Најдоцна до крајот на овој месец ќе започне чистењето на малата депонија со линдан во кругот на поранешната фабрика ОХИС. Од Министерството за животна средина велат дека во тек е обезбедувањето на одобренијата и дозволата за работа по што ќе може да се пристапи кон отстранување на околу 13 илјади тoни од опасниот инсектицид кој како остаток од работењето на поранешниот хемиски гигант со децении е депониран во бетонски базен во дворот на ОХИС и е на само 100 метри од главниот булевар „Борис Трајковски“.

Од МЖСПП велат дека првите 6 до 9 месеци ќе се отстрани дел од депонијата или околу 700 тони на почва контаминирана со α-ХЦХ, β-ХЦХ и γ-ХЦХ (линдан).

Чистењето ќе го врши грчката фирма „Полиеко“, по што ќе се направи ремедијација на теренот и почвата. „Полиеко“ има обврска линданот да го собере во посебни контејнери и да го изнесе надвор од државата. Уништувањето на линданот се планира во инценератор за согорување на опасен хемиски отпад во Франција.

Во кругот на некогашната фабрика има над 50 илјади тони линдан во големата депонија, а не се знае уште колку илјадници тони опасен отпад има и во другата депонија која се наоѓа кај локалитетот Пеленица близу Драчево.

Од МЖСПП велат дека важно е набрзо да се почне и со отстранување и на големата депонија за што би биле потребни околу 50 милиони евра. За таа цел е оформен посебен мулти- партнер Фонд за животна средина што ќе биде администриран од УНОПС, а веќе се обезбедени дополнителни средства од Норвешката Влада и предвидени се средства од ИПА 3 програмата.

Линданот е опасен инсектицид кој во 2009 година е забрането неговото производство и употреба во земјоделието според Стокхолмската конвенција за перзистентни органски полутанти. Овој инсектицид негативно влијае на нервниот систем, црниот дроб и бубрезите.  

(С.Бл.)