Дојранчани утре ќе организираат еколошка акција

79

Група жители од општина Дојран иницираа еколошка акција за чистење на животната средина и разубавување на крајбрежјето на Дојранското езеро, која ќе се одржи утре.

Организаторите велат дека акцијата ќе се спроведе на потегот од јаворите во центарот на Стар Дојран до некогашниот автокамп „Мрдаја“, што е лоциран во непосредна близина на границата со Грција.

Со повик да се разбудат од зимскиот сон, организаторите ги повикуваат жителите на општина Дојран масовно да учествуваат во акцијата со цел да дадат придонес во разубавување на Дојранското езеро во пресрет на годинашнава туристичка сезона.

Утрешната еколошка акција во Стар Дојран ќе почне во 9 часот, а во наредниот период организаторите најавија исти вакви акции и во Нов Дојран, Николич, Фурка, Црничани и Ѓопчели.