Дојдете на мојата последна вечера!

248

Фернандо Риксен, поранешниот репрезентативец на Холандија, кој шест години го носеше дресот на шкотскиот гигант Глазгов Ренџерс и запиша 12 настапи во националниот тим, е свесен дека ги брои последните денови од својот живот.

Само неколку месеци подоцна, откако во 2013 година стави крај на својата кариера, Риксен откри дека е смртно болен, откако му беше дијагностициран АЛС, односно амиотрофична латерална склероза, која го напаѓа нервниот систем и предизвикува целосна парализа.

Последната фаза Риксен ја поминува од болничкиот кревет во Аирдие, а пред неколку дена преку видеоклип испрати порака до најверните фанови и ги покани да бидат дел од неговата хуманитарна, но и последна вечера.

  • Поздрав. Ќе имам посебна вечера на 28 јуни. Мене ми е сè потешко и потешко и затоа оваа вечера ќе биде последна. Дојдете за да ја направиме оваа вечера за паметење. Се надевам дека ќе се видиме набрзо, гласеше пораката на 42-годишниот Риксен кој во својата фудбалска кариера играше на десната бековска и крилна позиција.

Вечерата ќе се одржи во ГоГлазгов Урбан Хотел, а влезницата ќе чини 70 фунти. Неговата видеопорака веќе е прегледана од 300.000 луѓе. Освен тој на Ренџерс, холандскиот интернационалец го носеше и дресот на Фортуна Ситард, АЗ Алкмар и на Зенит.

Риксен ќе биде запаметен и како проблематичен фудбалер најмногу поради проблемот со алкохолот. Поради таквото однесување Риксен мораше да ја прекине соработката со Ренџерс и Зенит, а посети и неколку клиники за одвикнување од алкохол.