Доцент д-р Борис Арсов за весникот ВЕЧЕР: 5G ќе биде техничката платформа за идната индустриска револуција!

1526

Елизабета АРСОСКА

 

Секоја технолошка иновација доаѓа со многу нејаснотии и прашања, во јавноста се водат големи полемики околу воведувањето на новата 5G технологија на нашата територија. Бидејќи сте еден од македонските експерти кои се директно вклучени во процесот на имплементацијата, може ли да појасните што всушност значи 5G?

Стравот кај народот е разбирлив, бидејќи се создава впечаток дека 5G технологијата е нешто ново, страшно и штетно врз здравјето на луѓето. Никола Тесла, Марија Кири и останатите некогашни и сегашни научници и создавачи на нови и откритија и технологии, секогаш се соочувале со тешкотии при докажувањата и реализацијата на истите. Го споменав Никола Тесла бидејќи неговите откритија во делот на електромагнетните бранови, радиотехниката и електричната енергија отпрвин биле осудувани, исмејувани и неприфатливи за останатите научници и обичниот народ, а подоцна сите ги знаеме и ги користиме придобивките од неговите откритија.

Инаку за 5G-технологијата треба да се знае дека не е нова технологија. Тоа е петта генерација на технологијата на мобилни безжични телекомуникациски мрежи. 5G е само име за една нова фаза во развојот на мобилната мрежа, од која како главни технички побарувања се обезбедување многу поголеми брзини на комуникација, екстремно мало доцнење на комуникацијата и далеку зголемена ефикасност во користењето на спектарот и другите мрежни ресурси.

Кои се позитивните, а кои негативните страни на 5G?

Генерално, според моите научни добиени практични сознанија, дел добиени преку трудови и натписи од реномирани професори кај нас и во светот, како и 22-годишна работа во областа на телекомуникациите, некои сериозни негативни страни за 5G технологијата или 5G мрежи не сум сретнал. Може ќе се појават некои научни истражувања кои би докажале кои се негативностите на 5G. Сретнав одредени натписи од страна на доктори специјалисти по медицина за наводни штетни влијанија на електромагнетните бранови односно нејонизирачко/јонизирачко зрачење од страна на 5G-технологијата-антени, дополнителни уреди и слично, но не и некој посериозен проблем. Ако земеме пример, Сонцето исто така зрачи, сегашните мобилни уреди исто така зрачат, со еден збор опкружени сме со зрачење. Но, прашањето е интензитетот на зрачење и растојанието т.е. местото на поставеност на телото што зрачи. За се има правила и само треба да се почитуваат.

Позитивните страни или поточно придобивките се многу големи и допрва ќе наоѓаат се поголема примена во секојдневниот живот на луѓето. Како што ќе одминува времето, ќе се користи многу често и во секоја област. Покрај во телекомуникациите, веќе се користи во машинската индустрија, а ќе се користи и во медицината, фармацевтската индустрија, менаџирање на големи магацини итн. Преку 5G корисниците би добиле многу подобри телекомуникациски услуги, поефикасно производство во многу индустрии, би се реализирале проектите паметни градови, паметни домови, со еден збор поголем дел од функциите кои ги обавуваат луѓето, за приватна работа или во текот на своите работни обврски ќе бидат многу полесни, едноставни, брзи, функционални и корисни. Јас сум убеден дека со тек на времето сите луѓе ќе бидат задоволни од тоа што 5G ќе го даде како сервис. Научните трудови во делот на 5G секој ден стануваат се побројни во насока да се презентира примената и придобивките на 5G-технологијата, а и самите научници се концентрираат да изнајдат сегменти каде се би се користела истата за олеснување на животот на луѓето. На последниот телекомуникациски и IT саем во Хановер Германија во 2019 г, на кој присуствував и јас, беа изложени скоро сите примери во индустријата за примена на 5G. Едноставно, 5G ќе биде техничката платформа за идната индустриска револуција.

Рековте дека суштината на 5G е да донесе позитивни промени во општествата каде ќе се имплементира, како на пример воведување електронско здравство, паметни градови, домови, индустрија и друго. Со овој степен на развиеност, има ли нашата држава потенцијал за реализирање на вакво нешто?

Македонија секогаш имала, има и ќе има огромен потенцијал и капацитет за реализирање на проекти поврзани со ИКТ областа, вклучувајќи ја тука и секако 5G технологијата. Имала капацитет и реализирала многу проекти во минатото во областа на телекомуникациите. Сетете се само на изградбата на првата мобилна мрежа во 90-тите години. Понатаму, развојот и следењето на сите иновативни решенија во областа на телекомуникациите, Македонија ги воведувала  речиси веднаш по нивните комерцијални употреби во светот. Редовно се следат препораките од телекомуникациските организации.

Од друга страна и операторите под мотиторинг на АЕК ги развиваат и модернизираат сопствените мрежи, како би го постигнале соодветниот квалитет на услугите кои ги добиваат крајните корисници. За да се провери работата на операторите, АЕК, како независно телекомуникациско Регулаторно тело, континуиранo спроведува мерења на квалитетот на услугите кои ги обезбедуваат и двата мрежни оператори, на целата територија на Македонија и резултатите од тие мерења ги објавува на веб-страницата на АЕК:  www.komuniciraj.mk

Научниците велат дека петтата генерација безжични комуникациски технологии сериозно ќе влијае врз здравјето на човекот и на биодиверзитетот, па на социјалните мрежи се споделуваат фотографии со мртви птици итн… Особено се посочува штетноста од поставувањето на базните станици. Што велат вашите сознанија?

Видете, доколку се сака да се кажуваат негативни работи за некоја област, дел од областа и проблематика, секогаш може да се најде нешто и да се говори за тоа. Може да се забележи дека одредени доктори специјалисти по медицина претежно објавуваат и искажуваат вакви ставови, но не сум сретнал научни трудови, кои директно, со бројки или докази покажуваат дека 5G зрачењето е штетно по здравјето на луѓето. Секој има право да говори за одредени работи во области за што е стручен. Од тој аспект, граѓаните имаат право да бидат добро информирани и да ги осознаат излагањата, како на стручните лица од медицината, така и од електротехниката и телекомуникациите. Но сепак, времето ќе покаже каква е реалната состојба. 5G технологијата е сеуште во развој. Имаше, ако се сеќавате слични, ако не и исти, размислувања кога се воведуваше 4G технологијата. Електротехниката и електромагнетиката поврзана со телекомуникациите говори и ја гледа позитивната страна, бидејќи во таа насока се движат научните истражувања. Ние секојдневно сме изложени на некој вид на зрачење. Трафостаници за електрична енергија, каблите на далеководите и општо во електроенергетиката постои зрачење. Значи ли тоа дека не треба да имаме струја по домовите? Трафостаници постојат на бандери, постојат и ѕидни трафостаници кои зафаќаат делови од дворови на куќи и згради, па дури во поголеми згради и се сместени одредени трафостаници па никој не споменал дека од нивното зрачење угинале птици или е штетно зрачење. Сонцето зрачи, и така можам да редам еден куп на примери на зрачења со кои сме опкружени. Во Македонија на пример, поточно во АЕК, постои цел тим на стручни колеги, кои вршат многу мерења со најмодерна опрема, по барање на корисниците за интензитетот на нејонизирачкото/јонизирачкото зрачење на одредена базна станица на 4G мрежата, а сега и на  5G мрежата кои мерења се прикажани на следниот линк: https://aek.mk/izvestaj-od-merenje-na-nejoniziracko-zracenje-5g-test-mreza/ Поедноставно кажано, резултатите покажуваат ниво на зрачење многу под критичната граница на дефинирани параметри за штетност.

  1. Не мислите ли дека научната јавност нема доволен број на студии кои би ја покажале вистинската слика околу воведувањето на 5G?

5G технологијата е сè уште во развој. Постојат одредени мерења и испитувања за функционирањето на 5G и што тоа би значело во животот на луѓето. Вистинската слика би можеле да ја добиеме за 2-3 години, можеби и 5 години. Секој технолошки новитет бара многу вложувања и испитувања, поткрепени со бројки и статистички податоци, па врз основ на нив да се прават Извештаи од секаков вид. Оваа т.н. 5G технологија според досегашните истражувања и научни статии и трудови оди во насока на подобрување, олеснување и функционирање на активностите на луѓето.

Какви се искуствата од другите земји, на пример Белгија, со исклучок на бриселската област, потоа Германија, која вложува многу пари во оваа технологија и се подготвува и за 6G и уште неколку други? 

Во изминатиов период во Европа нема откажани постапки за доделување на радиофреквенции за 5G. Поради состојбата со Корона вирусот, со кој се справува Европа, а и поради процедурални грешки во постапките во некои европски држави, истите се само ставени во мирување или се во статус на корекција на постапките кои ги споменав и секако дека истите ќе продолжат до нивно целосно завршување. Во некои држави овие постапки се целосно завршени и радиофреквенциите наменети за 5G се успешно доделени.

Во Белгија, според моите сознанија, прочитав некаде во една статија, дека била забранета 5G технологијата, но се работи за изјава на еден белгиски министер, кој не е цитиран како што треба, односно неговата изјава е извадена од контекст.

Од друга страна, пак, во Германија на големо се користи 5G технологијата. На пример производството и машините на фабриката АУДИ комплет нивното работење се контролира преку 5G мрежа инсталирана во погоните на самата фабрика. Тоа е случај и кај 60% од модерните и големи фабрики во Германија. Во делот на телекомуникациските услуги добиени од 5G мрежите, би ја споменал компанијата Водафон. Започнала со услуги на 5G мрежа од летото 2019г и започнала со 10.000 корисници. Во овој момент имаат 4 милиони корисници, со план до крај на 2020година да имаат 10 милиони корисници. Тоа незначи дека би можеле да го остварат овој резултат, но сепак 10 милиони корисници би имале можност да се приклучат на нивната  5G  мрежа. Инаку за 4G корисници Водафон во моментот има околу 30 милиони корисници. Пак ќе повторам, 5G технологијата или мрежите полека го освојуваат пазарот и бројот на корисници ќе се зголемува од година во година. Масовното користење на новите услуги неможе да се случи брзо и преку ноќ, а тука има влијание и цената на користење на  5G  услугите, и цената на  5G уредот. Но како што ќе одминува времето, убеден сум дека интересот ќе се зголемува, а со тоа и побарувачката на овој вид на услуги.

Полемиките во јавноста одат до таму што во ова време на пандемијата со корона вирусот, има научници кои ги ставаат во корелација 5G и ковид-19. Познатиот српски научник и теслианецГоран Марјановиќ неодамна, во ексклузивно интервју за весникот ВЕЧЕР изјави дека симптомите на лица изложени на микробраново зрачење со 5G и на лица заразени со ковид-19 се многу слични. Како вие го коментирате тоа?

Според мене 5G технологијата нема никаква поврзаност со ковид-19. Колку што мене ми е познато, досега е откриено дека ковид-19 е вирус, мутиран од друг претходно постоечки вирус, кој засега во најголем број случаеви ги напаѓа дишните органи на луѓето. Сега се поставува прашањето каде е тука заедничката и најмала точка помеѓу вирусот и наводното нејонизирачко зрачење на 5G-технологијата. По мене никаква. Теоретски гледано за да добиете одредени резултати од одредено зрачење на некое тело или жив организам, истото треба да го изложите на одредено зрачење, па да ги чекате резултатите од зрачењето. Дали целото тело ќе го изложите на зрачење или само делот каде се дишните органи, бидејќи споредбите и анализите се прават под исти или слични услови. На пример неможете да споредите јачина на лав кој стои на повисок дел од ридот со јачина на лав кој стои на понизок дел од ридот. Веднаш ќе знаете кој ќе победи и неможе да споредувате. Треба да се на иста рамна површина. Така и во овој случај. Имајќи го предвид интензитетот на нејонизирачкото/јонизирачкото зрачење од 5G-базна станица, кој го објаснив погоре во текстот, под претпоставка да таа базна станица здрачи со најјак интензитет, ама пак во границите на нормалата, и телото да стои изложено на најмало можно растојание по мене сè уште нема можност за таков вид испитувања и истражувања, особено не во Србија каде уште не е започнат процесот на воведување на 5G-технологијата. Можеби сознанијата на научникот се од други држави кои имаат такви резултати. Инаку и мобилниот телефон зрачи, а го користиме и нашето тело е изложено на неговото зрачење сигурно просечно по 5 часови дневно минимум, а плус може да се каже дека ги користиме тие уреди веќе 20тина години. Има и многу други примери за кои мислам дека се показател каде што 5G технологијата ама нема баш никаква поврзаност со вирусот ковид-19. Можеби медицинските научници ќе излезат со спротивни научни трудови, па би било добро да се отвори дебата, ако ништо друго.

Кои ќе бидат предизвиците за операторите и крајните корисници при инсталација на мрежата?

Најголем предизвик кај Операторите по мене би бил финансискиот капацитет на самиот оператор, добро проектирање на поставеност на самите базни станици за што поголема покриеност, за почеток може покривање град по град и пакетот понуден на корисниците со соодветна финансиска понуда, по системот вложено-добиено. Секако тука е и позитивната реклама, или поточно доброто информирање и дали ќе биде поубедлива позитивната реклама или негативната. Ние во нашата област базирајќи се на научните информации, препорачуваме да се користи истата без никаков страв, додека гледаме дека постојат и луѓе кои имаат спротивни ставови, што пак ќе кажам е нормално и право на секој граѓанин да каже свое мислење, доколку информациите кои ги кажува се поткрепени со соодветни точни и прецизни податоци и бројки.

Најголем предизвик кај корисниците ќе биде да се победи стравот и секако дали ќе им одговара создадениот пакет на услуги од страна на Операторите за користење на 5G-услугите.