Доставени 27 предлози за зелен и хуман град до Советот на Град Скопје

50

Дванаесет организации и активистички групи преку архивата на Град Скопје до Советот на Градот денеска доставија 27 предлози за зелен и хуман град. Предлозите произлегоа од граѓанскиот буџетски форум „Моја заедница, Моја визија“ кој се одржа на 16 септември, каде овие предлози беа усогласени и изгласани.

Како што појасни на денешната прес-конференција Драгана Велковска, активистика за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје, тие бараат овие предлози да бидат инкорпорирани во буџетот на Градот за 2021 година.

– Доколку градското раководство ги игнорира или ги отфрли делумно или целосно овие предлози, тоа ќе значи дека работи спротивно на интересите на Скопјани и ние сметаме дека во овие предлози всушност се наоѓа основата на визијата за зелено, хумано Скопје и за неговиот одржлив развој, нагласи Велковска.

„Полио плус“ – Движење против хендикеп поднесе два предлога. Едниот, како што информира Елена Кочоска од организацијата, е да се донесе стратешка рамка за имплементирање на конвенцијата за правата на лицата со хендикеп на локално ниво, а другиот да се субвенционираат електрични скутери за жителите со хендикеп во Скопје.

– Предлагаме Град Скопје да субвенционира скутери за лицата со хендикеп од една страна, а и ние како жители на Град Скопје ќе придонесеме во заштита на средината, но од друга страна Градот на тој начин ќе излезе во пресрет на имплементација на обврските кои ги има согласно догвоорот од 2011 година, односно независниот живот на лицата со хендикеп и остварување на правото на мобилност, рече Кочоска.

Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, пак, исто така достави два предлога за потребите на ромската заедница кои генерално произлегуваат од општина Шуто Оризари.

– Првиот предлог се однесува на отворање на противпожарна единица во Шуто Оризари, бидејќи сведоци сме дека во текот на зимскиот период се случуваат пожари кои често пати резултираат и со човечки и материјални жртви, додека се чекаат противпожарните единици од околните општини. Вториот предлог кој го доставивме всушност се однесува на поставување на мерачи за воздух и на Шуто Оризари, бидејќи голем број од Ромите се греат на дрва и оттука субвенциите кои се предвидени од Град Скопје, не допираат до ромската заедница, посочи Алберт Мемети, проект менаџер на „Ромалитико“.

Оттука, како што додаде тој, потребен е пристап пред се за поставување на мерни станици во Шуто Оризари, но и субвенционирање на фотоволтаични инсталации или пак субвенционирање на печки на пелети или климатизери во Шуто Оризари се со цел, како што нагласи, овие мерки да бидат достапни за ромската заедница.

Антонио Јовановски од здружението „Биди зелен“ ги појасни двата предлога кои ги доставиле. Едниот предлог, како што посочи, е зајакнување и зголемување на образованието за климатски промени и поставување на фотоволтаични системи на средните училишта на Град Скопје, конретно за „Никола Карев“, а другиот предлог е за поддршка на иницијативата „Селектирам“ каде се доближува селектирањето на отпад до домовите, во зградите, на секој граѓанин.

Вкупниот износ на предлозите, како што додаде Велковска, е близу 1.700.000.000 денари, а тоа, според нејзе, претставува некаде меѓу една четвртина и една петтина од вкупниот буџет на Градот Скопје кој за 2020 година.

– И тоа како има средства доволно за да се спроведе оваа визија за одржлив развој на Скопје, за зелено и хумано Скопје со инкорпорирање секако и на барањата, потребите, приоритетите на сите Скопјани кои живеат во овој град. Тоа се всушност потреби на граѓаните и тие се јавни средства кои мора да се искористат за приоритетите на Скопјани, а не да се користат за приоритетите на секоја различна партија која ќе дојде на власт, заклучи Велковска.