Досега успешно се вакцинирале осумдесетина лица од Крива Паланка и Ранковце

203

Вакцинацијата на возрасни лица над 75 години во Крива Паланка е во тек и досега од вкупно пријавените успешно, без какви било реакции, вакцинирани се осумдесет лица.

Директорот на здравствениот дом од Крива Паланка, Бранко Стаменковски, информира дека и денешниот 7 април – Светскиот ден на здравјето, како и претходниот, минува во знакот на Ковид-19 пандемијата.

– И лани како и годинава, за жал, живееме во време на пандемија, која никако да стивне, но се надевам дека веќе се наѕира крајот, ако се земе предвид дека активно и непречено се одвива процесот на имунизација на населението. Морам да апелирам, на овој ден, како и сите мои колеги ширум земјата и светот, за крајно максимално почитување на сите мерки за заштита од Ковид-19, за сите препораки и протоколи пропишани од Министерството за здравство и од комисијата за заштита од заразни болести и заради лична заштита и на најблиските, но и за заштита и зачувување на здравствените работници, кои денес, повеќе од кога било, се херои времето во кое живееме, рече Стаменковски.

Тој посочи дека покрај имунизација на возрасни лица од двете општини и редовната здравствена заштита и грижа што им ја пружаме на граѓаните, брзите тестови се достапни за дијагностицирање на Ковид-19,а деновиве ќе се овозможи и тестирање на присуство на антитела кај лица кои го прележале вирусот.

Извор:МИА