Досега заболени 136 лица, двајца починати од корона вирус во Македонија

Македонија е веќе на црната листа на земјите кои имаат починати лица. По 57-годишната жена од Куманово, втора жртва на коронавирус во земјава е 63-годишен маж од Дебар. Министерството за здравство истовремено информира дека до 12 часот вчера се регистрирани 22 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови тоа е: Скопје (15), Дебар (4), Куманово (2) и Охрид (1).

839

Расте бројот на заболени во земјава од ковид-19. По 57-годишната жена од Куманово, втора жртва на коронавирус во земјава е 63-годишен маж од Дебар.

Министерството за здравство истовремено информира дека до 12 часот вчера се регистрирани 22 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови тоа е: Скопје (15), Дебар (4), Куманово (2) и Охрид (1).

Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 изнесува 136, од кои 1 излекуван и 2 починати пациенти.

Според местото на живеење, досега случаи на ковид-19 се регистрирани во:  Скопје (81) – од кои едно лице е од Богданци, а живее во Скопје. Останатите заболени се Дебар (40) – од кои 1 починат, па Штип (7), Куманово (3) – од кои 1 починат, Кавадарци (2), Охрид (2) – од кои 1 лице е од Скопје, а е во изолација во Охрид и Гостивар (1).

Како што објаснуваат од Министерството за здравство, втората жртва е маж на 63-годишна возраст од Дебар, кај кого дошло до нагло влошување на состојбата.

-Пациентот е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби на 17 март, без зголемена температура, но со наод на белите дробови и бил зависен од кислород. Во текот на ноќта, пред да почине нагло се влошува неговата состојба, веднаш е интубиран, ставен на респираторна машина, но во неколку часа неговата состојба дополнително се влошила и пациентот починал, велат од Министерството за здравство.

Според нив пациентот немал позната историја на коморбидитет.

Што се однесува, пак, за 57-годишната жена од Куманово кај неа надлежните институции посмртно дијагностицирале дека жената била заболена од коронавирус.

Министерот смета дека во однос на приемот и третманот на Инфективното одделение во Кумановската болница колегите постапиле согласно протоколот за изолација, навремено се земени два теста и двата теста иницијални покажале негативен резултат.

Но, и покрај негативните резултати заради тоа што болеста била типична за коронавирусот таа била третирана во изолација. Тој појасни дека брисот бил земен заради наглото влошување на состојбата, што, како што истакна, е нетипично за друга болест и тоа ги натерало лекарите да се посомневаат и да земат уште еден, трет брис.

-Заедно со неа е хоспитализиран и нејзиниот син, 2-3 дена после неа во текот на минатата недела. Тој има 33 години, вчера настанало влошување на состојбата и бил прво префрлен во Одделот за изолација на Клиниката за пулмологија и после, според протоколот, е префрлен на Клиниката за инфективни болести каде што е сега сместен, хоспитализиран во стабилна здравствена состојба, истакна министерот Филипче.

Mатичните лекари незаштитени 

Во текот на вчерашниот ден во ходниците кај матичните лекари вриеше од граѓани кои беа дојдени за рецепти за хронично болните лица, но и такви кои имаа температура и сакаа да проверат дали се заразени од ковид-19. Матичните не можеа да воспостават ред и да ги заштитат здравите лица од сомнителните. Тие побараа од Филипче да им обезбеди маски, ракавици и скафандери.

Во земјава почнаа да функционираат вкупно 14 пунктови за земање материјали и брисеви за тестирање за коронавирус на територијата на целата држава. Во Скопје пунктовите се сместени во поликлиниките „Чаир” и „Јане Сандански”, а дополнително ќе бидат објавени информациите за сите центри ширум државата.

-Ќе се тестираат граѓани по епидемиолошки индикации и со закажување по претходна најава кај матичниот лекар кој ќе треба да пополни алгоритам што ќе укаже на тоа дали граѓанинот треба да биде тестиран или не – вели Филипче.

Министерот информира дека пациентите кои се на домашно лекување се во континуирана комуникација со лекарите од Инфективната клиника. Во целосна функција е системот на комуникација со медицинската сестра одговорна токму за оваа работа и по потреба консултација со лекар специјалист во кое било време за проценка на нивната состојба.

Филипче очекува позитивен исход во однос на коронавирусот

Министерот за здравство Венко Филипче сепак е оптимист и искрено верува оти ќе има позитивно сценарио во однос на коронавирусот во нашата држава.

– Искрено верувам. Тоа е впрочем и целта на сите овие мерки – намалување на социјалните контакти и комуникација со луѓето, ограничување во движењето, тоа се со цел да се намали комуникацијата е нешто за што веќе во светот има позитивни примери, односно дека само тие мерки доведуваат до тоа бројот на зболени да се намали. Во одредени региони на Италија, во регионот на Вухан, токму по воведувањето на ваквите радикални мерки веќе има денови кога нема нови пациенти. Така што искрено се надевам дека сето ова ќе даде резултат, рече Филипче.

 Количината на тестови за коронавирусот е сосема доволна

– Сметам дека мерките кои се сега на сила, дополнителните мерки кои планираме да ги воведеме во смисла на заострување, контрола, заштита пред сè на најризичните групи ќе дадат резултат заедно со типот на тестирање кој ќе биде како модел во сила од утрешниот ден преку матичните лекари. Во таа смисла овие мерки на ограничување на движење, тестирањето согласно индикацијата, зголемениот пристап со пунктовите, со кол-центрарот и матичните лекари мислам дека значајно ќе ја намали кривата на зголемување на бројот на пациенти, рече Филипче.

Тој информира дека имаат некои претпоставки во однос на пикот, во однос на тоа, како што рече, каде сме сега со кривата.

– Меѓутоа имаме и нови мерки исто како што имавме и досега. Искрено верувам дека ќе успееме да го намалиме бројот на пациенти. Сметам дека пикот на болеста во наши услови со сегашните мерки, со сегашните епидемиолошки податоци може да биде за еден месец од денеска, рече Филипче.

Прашан за образовниот процес на средношколците и матурантите, Филипче рече дека се работи интензивно во МОН.

– За неколку опции станува збор. Верувам дека точната информација ќе можат да ја дадат, рече Филипче.

Никој од персоналот на Инфективна клиника не е заразен со коронавирус

Досега ниту еден од персоналот на Инфективната клиника во Скопје не е заразен со коронавирус. На располагање е и лабораторијата во Ветеринарниот институт, која беше потврдено дека е со соодветен стручен капацитет и акредитација за таа работа, информира Филипче.

Министерот соопшти дека сите итни случаи и сите онколошки случаи се третираат, а се одложуваат само оние интервенции кои можат да бидат одложени, кај кои нема потреба од итност, согласно одлуките на стручните колегиуми.

Филипче рече дека ќе се повтори постапката за набавка на респираторни машини. Посочи дека во јавното здравство има доволно машини, 120 во јавното здравство, близу 85 од сите нив во Скопје. Една пациентка е на респираторна машина и смета дека таа резерва треба да се надополни.

(В.Ма.)