Дополнителни проекции на документарецот „Случајот Макавеев или процес во киносалата“ во Кинотека

48

Документарецот „Случајот Макавеев или процес во киносалата“ на Горан Радовановиќ ќе има дополнителни проекции денес (29 ноември) во термините од 18 и 20 часот во Кинотека.

Инаку, на 26 ноември во организација на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ и Кинотеката беа промовирани два документарни долгометражни филмови на Горан Радовановиќ – „Случајот Макавеев или процес во киносалата“ и „Чекајќи го Хандке“.

„По проекциите на документарните филмови публиката имаше можност да разговара со авторот. Радовановиќ го депонираше филмот ‘Случајот Макавеев или процес во киносалата’ во Кинотеката на Македонија. Радовановиќ е еден од најагилните документаристи последниве години во српската кинематографија. Со филм се занимава повеќе од четири децении, најпрвин како филмски критичар и теоретичар на филмот, а потоа како сценарист, режисер и продуцент на документарни и играни филмови. Дополнителните проекции се поради интересот на публиката“, посочуваат од Кинотека.

„Случајот Макавеев или процес во киносалата“ (2018) го осветлува можеби најектремниот случај на политичка цензура во некогашна Југославија, судскиот процес на филмот „В.Р. Мистерии на орга(ни)змот“ на режисерот Душан Макавеев во 1971 година. Филмот на Макавеев подигнал голема прашина и политичките кругови во тогашна Југославија сакале да го забранат по секоја цена, сметајќи го како врв на т.н. „црн бран“ во југословенската кинематографија…