Донесен Правилникот за зеленило, добивме алатка за борба против урбаната мафија

186

Од 8 октомври 2019 година стапи на сила Правилникот за планирање, подигање и одржување на зеленилото. Со тоа е дадено зелено светло за целосна имплементација на Законот за урбано зеленило кој обврзува на изработка на зелен катастар и обезбедување задолжителни 20% зеленило на градежна парцела, како и 25 метри квадратни по жител на ниво на град.

Досега законот нецелосно се спроведува, поради неусогласеност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и немање соодветен Правилник. Во собраниска процедура е новиот Закон за урбанистичко планирање, каде со голем број амандмани се води битка за конечно внесување на стандардите од Законот за урбано зеленило и во овој основен закон.

– Со него добиваме уште една алатка за борба против корупцијата  и урбаната мафија, а урбаното зеленило станува видливо и заштитено, надвор од дофатот на градежниот бизнис– информираа од партијата ДОМ.

Со Правилникот утврдени се детални постапки за изработка и јавно објавување на зелен катастар, на Стратегија за развој на зеленилото, како составен дел од секој Генерален урбанистички план, на Основен план за подигање и развој на зеленилото, како и на Годишна оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото. 

(С.Бл.)