Донација за доброволните противпожарни друштва во Македонија

374

Компанијата Армор Плус ДОО Скопје во соработка со Амбасадата на Република Хрватска и Хрватскиот деловен клуб во Скопје, донираше над 200 комбинезони за шумски пожари за доброволните противпожарни друштва во  Македонија.

-Во текот на минатото лето, Република Северна Македонија беше зафатена со голем број шумски пожари и развојот на доброволното пожарникарство се појави како неопходна потреба. Стручниот тим на Армор Плус како општествено одговорна компанија со долга традиција во производство и продажба на противпожарната заштита, заедно со Амбасадата на Република Хрватска и Хрватскиот деловен клуб, одлучивме да дадеме свој придонес во развојот на доброволните противпожарни друштва, особено затоа што во овој момент тие се без стабилен приход за финансирање и слаба опременост со технички средства и лична заштитна опрема, се наведува во соопштението од хрватската Амбасада во Скопје.

И во минатото Армор Плус го помагала секторот на пожарникарство, а денешната заедничка донација од над 200 комбинезони за шумски пожари, чија вредност е повеќе од 50.000 евра, како што се вели во соопштението, има за цел промоција, поддршка и развој на волонтерството при пожари и елементарни непогоди во Македонија.

Доброволни противпожарни друштва на кои денеска им беше доделена донација се: „Феникс“ и „Архангел“ од Битола, „Дервен“ од Прилеп, „Перо Чичо“ од Куманово, „Горици Оператива“ од Конче, „ДПД Кочани“ од Кочани, „Еко Фап“од Охрид,  „ДПД Демир Хисар“ од Демир Хисар, „ДПД Дојран“ од Дојран, „Маркови кули“ од Прилеп, „ДПД Струга“ од Струга, „Национален парк“ од Тетово, „Бајрам Мифтари“ и „ДПД Ајватовци-Илинден“ од Скопје, „Пегаз Еду“ од Битола, „ДПД Свети Николе“ од Свети Николе, „Сашко Гешовски“ од Кавадарци, „Зора“ од Кичево и „Видра“ од Велес.