Донации во Спомен куќата на Тоше, а наскоро и споменик во Нова Градишка

145

Во спомен куќата „Тодор Проески“ на Гумење во Крушево е поставена кутија за донации за да се продолжи хуманитарното дело на нашиот Тоше Проески, голем музичар, хуманист и човекот со големо срце, познат на Балканот и во Европа.

Кутијата беше поставена уште на 16 октомври, на денот од 14-годишнината кога Тоше загина во сообраќајната несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.

Парични средства што сите посетители и хумани луѓе ќе ги донираат ќе може да бидат употребени во хумани цели. Кутијата за донации ќе биде поставена до 25 јануари наредната, 2022 година, кога е и роденденот на Тоше Проески.  

Како што информираат од крушевската локална самоуправа, наредните денови во Нова Градишка, Хрватска, ќе биде откриен споменик на Тоше Проески кој ќе претставува симбол и потсетување на неговиот живот.