Домашните платежни картички може да се користат уште утре, ама не се за фрлање

319

Со домашната платежна картичка ќе може да се пазарува само уште утре. Парите што ќе останат на неа по утрешниот ден ќе се вратат онаму од каде што дошле – во државниот буџет.

Некои од корисниците со картичката плаќаат повеќе од еден месец, некои пак ќе имаат време да ја потрошат само еден ден. Сите отпечатени 333.697 картички не се поделени, а утре е и последен ден за нивно подигање.

Претставници на Владата во неколку наврати информираа дека не е можно продолжување на периодот до кој може да се користат овие картички кои се дел од третиот сет антикризни мерки, зашто нема функционална влада која би ја изменила уредбата донесена во вонредна состојба. Сепак, и по истекот на рокот, дури и празни, картичките не се за фрлање. Повеќето од деветте банки кои ги издаваат препорачуваат картичките да се чуваат, зашто од почетокот на наредната година ќе можат повторно да се користат, но под условите за картично работење на банката. Тоа значи дека сопствениците на овие картички во иднина на нив би  можеле да ја примаат платата, социјалната помош, самите да ја полнат со пари и да ја користат и слично.

Министерката за финансии Нина Ангеловска во неколку наврати преку „Фејсбук“ искажа задоволство од тоа како е реализиран и спроведен овој проект. Според последните расположливи податоци од министерството до почетокот на месецов биле издадени 304.933 картички, што значи дека дотогаш останале неподигнати околу 30.000. Дел од корисниците не ги добија зашто не си ги ажурирале податоците во банката па тие отишле на друга адреса, а се претпоставува дека дел од корисниците се во странство.

Од Министерството за финансии најавуваат дека по утрешниот ден со банките ќе ги соберат информациите и ќе објават дефинитивни податоци за тоа колку картички се подигнати и колку пари се потрошени.

Според последните сумирани податоци, заклучно со 1 август, доделени се картички во вредност од 26,7 милиони евра, а од нив се потрошени околу 23 милиони евра. Притоа се реализирани над 1,7 милиони трансакции, од кои 89 проценти во маркети, пет проценти во ресторани и сендвичарници и три проценти во продавници за текстил и облека.

Картички со 9.000 денари добија активните баратели на работа и корисниците на социјална помош, а со 3.000 вработените со низок доход и студентите и средношколците. На домашните платежни картички што ги добија медицинските работници директно вклучени во борбата со ковид-19 легнаа по 40 проценти од платата што ја примаат.

(С.В.)