Домашната побарувачка спас за македонското земјоделство

Пандемијата удри по производителите на овошје и зеленчук во светот кои претрпеа големи загуби. И во нашата земја, која не е исклучок од овие глобални текови, па и македонските земјоделци почувствуваа силен удар поради затворените пазари и намалениот извоз. Тие стравуваат за пласманот на производите кои сега стасуваат. Се надеваат на домашната побарувачка со која барем ќе успеат да ги покријат производните трошоци

153

Производителите на овошје и зеленчук претрпеа големи загуби. Ограничувањата за движење, високите транспортни трошоци и затворените пазари поради пандемијата ковид-19 ги уништија синџирите за снабдување со овошје и зеленчук и доведоа до големи нарушувања во побарувачката и цените на глобално ниво. И Македонија не е исклучок од овие глобални текови и домашните земјоделци почувствуваа силен удар поради затворените пазари и намалениот извоз.

Најголем удар почувствуваа производителите на земјоделски производи кои беа наменети за извоз, зелката и раноградинарските култури. Голем дел од зелката поради ниската откупна цена остана да скапува на нивите, а цените на доматите на светскиот пазар се намалија, па и покрај тоа што годинава се извезе поголемо количество, добивме помали приходи.

Земјоделците стравуваат за пласманот на производите кои сега стасуваат. Се надеваат на домашната побарувачка и со која барем ќе успеат да ги покријат производните трошоци.

-Кризата, затварањето на границите, на пазарите многу ни ги намали можностите за пласман. Голем дел од блитвата, марулата, младиот кромид и лук ми останаа непродадени. Поради пандемијата пазарите беа затворени, па немав каде да ги продавам, потоа фатија семе и морав да ги искорнам. Сега засадив домати, пиперки и краставици кој се надевам дека ќе успеам да ги продадам и да ги покријам дел од загубите, вели Ацо земјоделец од с. Трубарево, Скопско.

Неизвесноста околу пласманот со кој земјоделците мака мачат и во нормални услови останува и за културите кои допрва стасуваат. Што се однесува до цената велат истата зависи од понудата и побарувачката на пазарот, но и од откупувачите кои постојано им задаваат маки на земјоделците

-Во текот на овој месец кога ќе се зголеми понудата и кога ќе излезат и оние култури кои се одгледуваат во оранжерии без парно и ќе видиме каква ќе биде цената. Сепак годинава краставици, домати и пиперки имаме помалку од лани и се надеваме дека ќе се продаде целото количество кое претежно е наменета за домашен пазар, вели Ристо Велков, претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделците во Струмичкиот регион.

И на светскиот пазар цените на некои производи се зголемуваат, особено оние за кои се смета дека го зајакнуваат имунитетот како лимоните и лукот, другите драматично паѓаат. Во земји кои немаат доволно луѓе да соберат овошје или да собираат зеленчук на време, родот може да изгние на нивите, а дополнителни загуби им се закануваат на производителите во случај на доцнење во транспортот или истовар.

– Овошјето и зеленчукот подлежат на брзо расипување и треба да стигнат до пазарот што е можно побрзо. Како и да е, трговските можности се ограничени, затоа што се во синџирот на вредности се распадна, пазарите се затворија, земјите ограничија преминување граници, пристаништата се затворија, трошоците за транспорт се зголемија, смета економистот од Организацијата за храна и земјоделство при ОН – ФАО, Андриј Jармак.

Според последните податоци од Министерството за земјоделство во земјава извозот е намален за 16 милиони евра, додека пак увозот на земјоделски производи за околу 15 милиони евра. Одредени производи достигнаа висока цена како оризот за кој имаме цени од 58 до 60 денари за откуп на големо, додека кај зелката цената е многу пониска од претходните години.

(А.С.)