Домашен џем од кајсии – уживајте во вкусот на летото

267

Домашниот џем од кајсии е еден од највкусните во нашата кујна. Намачкан на лепче со путер, врз палачинки, како прелив на омилениот сладолед, или едноставно во колачи, џемот од кајсии е незаменлив по вкус.

Подгответе џем од кајсии и уживајте во вкусот на летото, и сочувајте некоја тегла за студените зимски денови.

Состојки:

  • 5 кг свежи кајсии
  • 1,4 кг шеќер
  • 2 кесички ванилин шеќер

Начин на подготовка:

Кајсиите измијте ги убаво, и отстранете им ги семките. Насецкајте ги на ситно во подлабоко тенџере и врз нив посипете го шеќерот и двете кесички ванилин шеќер.

Оставете вака да отстои два часа, кајсиите да пуштат сок, притоа мешајте одвреме-навреме, да се растопи шеќерот.

Ставете го на шпорет да се вари со повремено мешање. Кога ќе почне да се пени, со решеткаста лажица вадете ја пената. Потоа оставете го џемот да се вари, до посакуваната густина, односно околу 1,5 час, со постојано мешање.

Откако ќе се свари, топлиот џем ставете го во топли тегли и оставете го во рерната каде сте претходно сте ги загревале теглите, за да се ладат постепено.

Уживајте во вкусот на домашниот џем!