Хаваријата во ОХИС го запали црвеното светло. Докторот токсиколог, Андон Чибишев тврди дека мора веднаш да се направат серија на лекарски прегледи на жителите кои веќе 15-20 години живеат во близина на ОХИС, бидејќи долготрајното изложување на канцерогениот линдан предизвикува замастување на црниот дроб. – На превентивни прегледи во Клиниката за токсикологија ги повикувам да се јават и посочените работнички во погонот за чевли бидејќи биле непосредно во контакт со линданот. Јас и моите колеги им стоиме на располагање во кое било време да дојдат и да ги направиме потребните испитувања, рече Чибишев. Според него, винил хлоридот има мутагено дејство. Неговото вдишување предизвикува мутации на гените кои кога ќе се развијат во организмот даваат клиничка слика со тешки нарушувања на белите дробови и на срцето.

Чернобил тлее во ОХИС – 14-тонска цистерна со опасна хемикалија може да го збрише Скопје

Хаваријата што се случи во петокот при протекување на вода со повеќегодишна опасна хемикалија од резервоар во кругот на пропаднатата хемиска фабрика ОХИС, опоменува на будност кај сите. Дотолку повеќе што станува збор за опасен отпад кој со години лежи во фабриката, која сега не произведува и е во стечај.

Јавноста досега знаеше за двете депонии со канцерогениот линдан, но и не за останатите десет други опасни хемикалии складирани во резервоари и цистерни.  Докторот токсиколог Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија во изјава за весникот „Вечер“, вели дека долги години предупредувал на опасноста по здравјето на жителите од блиската населба, но и за лицата кои работеле порано во фабриката од долготрајната изложеност на линдан.

– Линданот е канцероген и тој предизвикува долготрајно хронично дејство на организмот – вели Чибишев.

Линданот го замастува црниот дроб

Во кругот на пропаднатиот ОХИС и сега работат фирми од различни дејности, фирми со Б интегрирана дозвола, а меѓу нив има и од прехранбена индустрија. До пред еден месец во една од халите бил сместен погон за изработка на чевли наменети за италијанскиот пазар. Во него парче леб ваделе 50 до 60 жени. Погонот е на само два-три метри од ѕидот на големата депонија, во која е складиран канцерогениот линдан.

– Погонот го дислоцираа пред еден месец. Ги гледав жените како овде на пауза пиеја кафе потпрени на ѕидот на депонијата со линдан. Што да ви кажам. Ова што ви го покажав е само 30 проценти од она што може да се види во кругот на ОХИС – ни рече Владо Момировски, управителот на фирмата „Еко центар 97“, која од доверителите на ОХИС е избрана да го исчисти отровниот отпад.  

Тој ни откри дека големата депонија со линдан, која е на само сто метри од многу прометниот булевар „Борис Трајковски“ е голем загадувач на почвата и на подземните води.

– Линданот во прав и течност на големата депонија практично бил истуран на земја. Тоа не е случај со малата депонија за која има изградено бетонско дно и таа не ги пропушта отровите во земјата – вели Момировски.

Нане Перо, поранешен инженер во ОХИС во Топ тема се осврна на линданот, потсетувајќи колку е тој токсичен.

– Линданот одеше како алва, додека не го забранија во Германија, Франција, Русија. Потоа, кога немавме каде, алфа и бета изомерите, како и делта што е многу опасен, моравме да ги складираме како нус-производи кои до денес останаа во кругот на фабриката. Гама изомерот го екстрахиравме со метил алкохол, кој е исто така многу токсичен. Кога одевме на работа, ни мирисаше не само облеката, туку и кожата – истакна Перо.

Доктор Чибишев тврди дека мора веднаш да се направат серија лекарски прегледи на жителите кои  15-20 години живеат во близина на ОХИС, бидејќи долготрајното изложување на канцерогениот линдан предизвикува замастување на црниот дроб.

– На превентивни прегледи во Клиниката за токсикологија ги повикувам да се јават и посочените работнички во погонот за чевли бидејќи биле непосредно во контакт со линданот. Јас и моите колеги им стоиме на располагање во кое било време да дојдат и да ги направиме потребните испитувања – рече Чибишев.   

Опасен „мал“ инцидент

Последиците од протекувањето на метил акрилат во петокот, кој со години бил складиран во повеќетонски резервоар што со времето кородирал, први го почувствуваа жителите во околината на ОХИС во вид на печење во очите и гребење во грлото.

Надлежните тврдеа дека станува збор за мал инцидент настанат при промивање на ѕидовите од резервоарот, бидејќи чистиот метил акрилат претходно бил препакуван во специјални буриња и запечатен.

Го прашавме доктор Чибишев, дали овој „мал“ инцидент предизвикал здравствени проблеми кај луѓето што го вдишиле.

– Оваа хемикалија е лесно испарлива и ветерот брзо ја разнесува. Знам дека метил акрилатот не се измива со вода. Косата на главата ми се подигна кога видов како се постапувало по истекувањето. Одеа без заштитна облека и без маски што е спротивно на стандардите што ги пропишува Европската агенција за заштита од хемикалии. Ако не се почитуваат стандардите кога се врши препакување на ваков високотоксичен отпад, може да дојде до комплетно нарушување на здравјето – вели Чибишев, кој посочи дека вдишувањето на метил акрил го прави организмот на човекот осетлив на надворешни влијанија и подложен на алергии. 

На новинарските екипи во понеделникот им беше дозволено да влезат во ОХИС и на лице место да го видат местото на инцидентот. Но, таму новинарите затекоа уште поголем загадувач – винил хлорид „заробен“ во кородирана цистерна. Содржината во цистерната допрва треба да се препакува и отстрани од ОХИС.

– Винил хлоридот е лесно запалив и затоа мора постојано да се лади. Од вас медиумите се информирав дека цистерната ја чуваат 24 часа, но однадвор е во многу лоша состојба. Забот на времето си го прави своето. Замислете да попушти некој вентил, тогаш би имало тешки последици врз луѓето и другите живи суштества – вели Чибишев.  

Според него, винил хлоридот има мутагено дејство. Неговото вдишување предизвикува мутации на гените кои кога ќе се развијат во организмот даваат клиничка слика со тешки нарушувања на белите дробови и на срцето.

Во буџетот за 2020 се предвидени малку пари за почист воздух

Граѓанските еколошки здруженија реагираа што во предлог-буџетот за 2020 година се предвидени многу малку пари за намалување на загадувањето.

– За водовод, канализација, гасовод, пречистителни станици, депонии, сè живо заедно има 5 милијарди денари. За министерство за одбрана 10 милијарди денари. За катастрофалнава состојба со загадување, на воздух, на почва, на води, депонииве што ни горат низ цела земја, отпадов во кој се давиме, историскиот опасен отпад, жешките точки, исечените и опожарени шуми, заштита на природата, таа што останала, за оваа Влада не е ни приближно важна како интеграцијата во НАТО. Илјадниците смртни случаи поради загадувањето, заболените, нека се множат и понатаму. Оваа војна свесно ја губиме, ама некоја си имагинарна идна и/или туѓа е многу побитна – велат од 02 иницијатива.

Владата за нивната “стратешка” определба – намалување на аерозагадувањето додели 1,6 милиони евра што е една 50-тинка од вкупно предвидените средства. За Управување со отпадоците се издвоени нецели 1,5 милион евра, а за мониторинг и заштита од аерозагадувањето 1,1 милион евра.

На темата како да се справиме со загадувањето, еколошки здруженија денеска ќе дискутираат и со шефот на државата, Стево Пендаровски, кој им ветил дека проблемот со загадувањето на животната средина планира да го стави како точка на следната седница на Советот за безбедност.

(С.Бл.)