Доживотен затвор за екоцид – убивање на животната средина

946

Злосторствата против природата ќе станат дел од македонскиот правен систем, а казните ќе бидат драконски. Ова е предвидено со новиот Кривичен законик објавен на ЕНЕР со кој, секоја сериозна, широкораспространета и долготрајна штета на животната средина ќе третира како кривично дело „екоцид“ и ќе се казнува со најмала казна од 10 години затвор, и најголема – доживотен затвор. Од 02 Иницијатива се скептични дека предложените измени во Кривичниот законик навистина ќе ги сменат работите на позитивно со оглед, како што велат, „практиката и искуството од изминатите години покажуваат дека ние како општество, како систем немаме голем проблем со постоењето, адаптирањето или освежувањето на законите, туку со нивното користење и имплементацијата на терен“

Злосторствата против природата ќе станат дел од македонскиот правен систем, а казните ќе бидат драконски. Ова е предвидено со новиот Кривичен законик објавен на ЕНЕР со кој, секоја сериозна, ширикораспространета и долготрајна штета на животната средина ќе третира како кривично дело „екоцид“ и ќе се казнува со најмала казна од 10 години затвор, и најголема – доживотен затвор.

Предлагач на новиот Кривичен законик е Министерството за правда и целта е да се упрости откривањето и казнувањето што го направил загадувач на воздухот, водата и почвата. Притоа, доволно ќе биде да се утврди дека загадувачот „загадил повеќе од дозволеното“ и според пропишаните казнени одредби да му се изрече соодветната казна.

Така, на пример, ако загадувањето што е направено на воздухот, водата или почвата или, пак, е направено јонизирачко зрачење повеќе од двојно од максимално дозволеното со закон, казната е од една до три години. Ако загадувањето е петкратно или поголемо од максимално дозволеното, казната е од една до пет години.

Ако со своето работење физичко лице или правно лице предизвика сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, казната е затвор од три до десет години.

– Службено или одговорно лице во компанија, фабрика, кое со непридржување кон прописите за заштита на животната средина, ќе пропушти да постави уреди за пречистување или ќе дозволи изградба, пуштање во дејство или користење на погон кој ја загадува животната средина или на друг начин ќе пропушти преземање мерки за спречување или оневозможување на загадување на воздух, почва, вода или за спречување бучава, кои двојно ја надминуваат дозволената граница, ќе се казни со казна затвор од една до пет години – се предвидува во новиот Казнен законик.

Казни има и за службено или одговорно лице во фабрика, кое ќе оди во затвор од четири до десет години, ако предизвика сериозна опасност за животот и здравјето на луѓето и уништи во поголем размер животински или растителен свет. За пуштање во атмосферата на недозволиви супстанции кои ја оштетуваат озонската обвивка, казната е парична или затворска од три до пет години. Доколку тоа е сторено од небрежност, казните со парични или затвор до една година.

Од 02 Иницијатива се скептични дека предложените измени во Кривичниот законик навистина ќе ги сменат работите на позитивно со оглед, како што велат „практиката и искуството од изминатите години покажуваат дека ние како општество, како систем немаме голем проблем со постоењето, адаптирањето или освежувањето на законите, туку со нивното користење и имплементацијата на терен“.

– Постојано алармиравме за зголемување на буџетот во инспекторатите што ќе овозможи, како прво ангажирање на поголем број инспектори на терен, а потоа на сите нив да им се даде и техничка поддршка, современи алатки за следење на состојбата во вистинско време. Во овој момент, сè уште има недостиг на инспектори, едноставно нема доволен број екипи кои можат да бидат на терен постојано, 24/7, и за време на празници, и во викенди, и во ноќните часови. Дополнително, и кога инспекторите ќе констатираат загадување, едноставно не постои силна координација меѓу инспекторатите, МВР и судиите и обвинителите. Неопходна е детална едукација во сите овие сегменти, паралелно со едуцирањето на пошироката јавност. Според статистиките и досега, најголем процент од поднесените пријави, завршиле како прекршочни, наместо кривични. Според една информација, Државниот инспекторат за животна средина има поведено само една кривична постапка за опожарувањето на трска во Струга, против непознат сторител, останатите се спогодби, платни налози и прекршочни постапки – децидни се од 02 Иницијатива.

Оттаму нагласуваат дека и до сега одредбите на Кривичниот законик кои се за животна средина не се употребуваа, односно не одговара речиси никој кривично.

– Сево ова укажува дека ние ги следиме препораките на ЕУ, ги слушаме сугестиите на успешните држави од регионот како Словенија и Хрватска на пример, на хартија сè ќе испегламе, но во пракса повторно постои опасноста да си продолжиме по стариот терк, само декларативна борба против загадување и расфрлање со термини. А чисто како едно појаснување, не знаеме колку на сите ни е јасно дека кога ќе кажеме екоцид, тоа практично подразбира дека еден дел од нашата територија, едно парче земја, почва, вода, воздух никогаш не може да биде вратено во првобитната состојба, направена е непоправлива штета без оглед колкава сума, казни предвидуваат измените во законот. Потребно е да се работи првенствено на превенција, а потоа и на сериозно казнување како пример – велат од 02 Иницијатива.

До крајот на годинава законското решение треба да биде готово и доставено до Владата. Лани Државниот инспекторат за животна средина открил дека повеќе од 200 фирми со нивното работење ја загадиле животната средина.

Екоцид во буквален превод значи „убивање на животната средина“, а идејата да се направи правна платформа за негово поставување вон законите го иницираше организацијата Stop ecocide. Во основа замислата е едноставна – никој не треба да остане неказнет поради уништувањето на природниот свет.

(С.Бл.)